Претседателот Стево Пендаровски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Северна Македонија.
Почитувани сограѓани,
Нека ни е честит 11 Oктомври – Денот на народното востание.
Денес после 81 година од почетокот на антифашистичката борба која ни донесе слобода и македонска држава, заедно со целото човештво сме исправени пред нови искушенија. Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, ние се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите.
11 октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит. Да ги оставиме личните интереси и суетите на страна и да работиме за општото добро, благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава.
Нека е честит и вековит празникот!