Светски познатата манекенка Кара Делевињ им пружи поддршка на луѓето во Србија кои протестираат против таблоидот „Информер“.
Протестот е организиран затоа што оваа медиумска куќа објави интервју со серискиот силувач Игор Милошевиќ.
Кара на својот инстаграм-профил сподели снимка која ја објави актерката и активистка Бојана Новаковиќ со цел да ја подигне свеста за тоа што се случува во Србија.
„Полицијата во Србија го штити влезот во просториите на еден таблоид кој објави видео од осуден силувач, на тој начин промовирајќи ја неговата тактика“, напишала манекенката Кара Делавињ.
Под насловот „Исповед на сериски силувач“ и пораката „мегаексклузивно!“, „Информер“ објави и видео интервју од речиси еден час, во кое осудениот опишува како правел различни криминални дејствија и како се чувствувал во тој момент, објави Радио Слободна Европа.
Уредникот на „Информер“ Драган Ј. Вучиќевиќ даде изјава во која се обиде да го оправда овој чин. Тој смета дека вакви интервјуа се прават насекаде низ светот и дека тоа е „вистинско новинарство“.
Јавноста во Србија се вознемири откако неодамна од затвор беше ослободен серискиот силувач Игор Милошевиќ, откако отслужи петнаесетгодишна казна за серија силувања и грабежи.
„Ниедно силување не е твоја ексклузива“, е една од пораките од протестот пред редакцијата на таблоидот „Информер“ во Белград.
Повеќе десетици активисти и граѓани се собраа на 28 септември откако овој таблоид објави интервју со повеќепати осуден силувач, кој неодамна беше ослободен по отслужувањето на казната.
ФОТО: Инстаграм