Една од најстарите њујоршки вили, која Југославија ја купила во 1946 година, била продадена за 50 милиони долари, потврдила компанијата Даглас Елиман, најголемата агенција за недвижности во САД, пишува американскиот весник Волстрит џурнал. Според договорот за сукцесија, Македонија ќе добие 8 проценти од вредноста на вилата или 4 милиони долари.
Агенцијата објави дека ја продала вилата во Њујорк, резиденција на поранешната југословенска мисија во Обединетите нации, на престижната Петта авенија на Менхетен, за целосната барана сума од 50 милиони долари.
Продавачот на вилата, која ја користеше и Постојаната мисија на Србија во ОН, се петте држави наследнички на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија – Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Србија. Вилата е купена од компанија со адреса во Њујорк.
– Новиот сопственик штотуку купи значаен дел од историјата на Њујорк – рече Тристан Харпер, агентот на Даглас Елиман кој го склучи договорот.
Тој истакна дека претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал многу добар вкус за недвижнини“.
Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година.
Во јуни 2021 година, Харпер објави дека е добиена понуда од 50 милиони долари за вилата и дека земјите што продаваат постигнале консензус за продажбата.
Врз основа на Анекс Б од Договорот за наследување на имотите на поранешна СФРЈ во странство, Македонија има право на помалку од 8 отсто од парите од продажба на зградата на постојаната мисија во Њујорк. Најмногу средства ќе добие Србија или нешто помалку од 40 проценти, Хрватска 23,5 проценти, Босна и Херцеговина дел од 15 проценти и Словенија – 14 проценти.
Вилата е изградена на четири нивоа и има два ката, 18 соби, шест бањи и винарска визба.
Тоа беше првата зграда со два електрични лифтови, кои сѐ уште се во функција.
Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк.
За време на Студената војна, кога тука престојуваше и Тито, на врвот наводно имало соба која никој не можел да ја прислушува, како и непробојни прозорци свртени кон Петтата авенија.
Зградата, главно недопрена со децении, нема централна климатизација, а гасот бил исклучен откако избувнал пожар во електричната инсталација во 2018 година, пишува Волстрит џурнал.
Првиот сопственик на зградата бил гувернерот на Лонг Ајленд, Роберт Бикман Ливингстон, па затоа зградата по него се нарекува и „Куќа на Бикман“.
Подоцна таму престојувала и Емили Вандербилт Вајт, сопруга на Хенри Вајт, поранешен американски амбасадор во Франција и во Италија, и една од ќерките на Вилијам К. Вандербилт, познат индустријалец, познат по финансирањето на изградбата на Централната железничка станица во Њујорк.