Во политиката има моменти кога се поминува Рубиконот на толеранција, рече Христијан Мицкоски во врска со разидувањето со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе го поддржува концептот за модерно Скопје кој победи на Локалните избори минатата година, но не и потези што се надвор од тој концепт.
– Мнозинството во Советот е на ВМРО-ДПМНЕ. Ја немаме ние изгубено поддршката и нашата поддршка на проектите за модерно Скопје си останува. Ние не велиме дека тие проекти што се за модерно Скопје нема да ги поддржуваме. Не станува збор тука за добиена или загубена поддршка. И ќе ја потсетуваме градоначалничката кога ќе се прави ребаланс, кога ќе се прави буџет, ќе ја потсетуваме сѐ што е ветено пред скопјани да биде дел од тие документи и ќе гласаме за тоа, изјави Мицкоски во гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Не сака, како што рече, да се меша во кадровска политика на Арсовска која назначи нови директори на јавни претпријатија.
– Тоа е избор на Арсовска и јас тука не сакам да се мешам во нејзината кадровска политика. Тоа се нејзини чекори. Претпоставувам таа мисли дали се тие исправни или не се, но до овој момент додека ние разговараме, управните и надзорните одбори мнозинство се од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери – рече Мицкоски.
Опозицискиот лидер негираше инволвираност во сомнителен тендер за пречистителна станица во Скопје, како што обвини Арсовска. Тој рече дека и според Еврпската инвстициска банка проектот е воден според сите правила и ги повика органите на прогонот да ги истражат наводите. Жртва е, рече, на црна кампања против него и неговото семејство и дека „некому многу му гори” штом троши големи суми пари за билборди и летоци во услови на енергетска и финансиска криза.
– Долго време не сакав да зборувам на таа тема затоа што сакам тој проект да се случи, зашто тој проект на скопјани ќе им донесе поквалитетен живот, зашто Скопје нема пречистителна станица… Не гледам каква е мојата инволвираност или „рачињата во медот” мои или на ВМРО-ДПМНЕ. Банката вели дека сѐ е според правилата и процедурите. Дури и овие луѓе коишто сега ги споменувам, иако не се ВМРО-ДПМНЕ, банката вели досега што направиле, а тоа беше до пред некој ден, дека е сѐ според правилата и процедурата. Затоа јас од ова студио ги повикувам органите на прогон, еден пфенинг таму да е злоупотребен јас сега немаше да седам овде со вас, ќе бев во друга институција. Еден фенинг да имаа доказ дека е таму злоупотребен. Ги повикувам сите органи на прогонот, Обвинителство, ја повикувам Канцеларијата на ЕУ, со една робусна акција да истражат дали има злоупотреби или нема и да излезат во јавноста – ако има злоупотреба да кажат кој злоупотребил. Ако нема, да кажат дека нема, рече Мицкоски.
На прашањето дали Левица ќе има поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за нивната иницијатива за референдум, одговори дека ќе почекаат таа да дојде во Собранието па ќе се произнесат.
– Добро е што Левица се приклучи кон алатката референдум, изјаснување на граѓаните, но кога ќе дојде формално во Парламентот, тогаш ќе може поконкретно да се произнесеме за текстот и начинот како понатаму, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител Мицкоски рече и дека не добил повратен одговор од Владата на неговата понуда на контакти за набавка на енергенси и производство на двојно поевтина струја за стопанството, за што денеска информираше пред медиумите.
– Тоа се луѓе со кои сме соработувале, кои нешто значат во Европа, а не се контактирани. Ако има интерес можам да помогнам зашто интересот на граѓните и стопанството е над сѐ – рече Мицкоски.