Пејачот Ламбе Алабаковски, кој беше обвинет за потпалувањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, е осуден на условна казна затвор од шест месеци, потврди за РСЕ неговиот адвокат, Дарко Стефановски. Казната, како што наведува Стефановски, нема да се реализира доколку во следните 2 години, Алабаковски не стори ново кривично дело.
На Алабаковски кој призна вина за делото, му се вратени две патни исправи и укинати се мерките за обезбедување. Алабаковски по инцидентот беше во притвор, потоа беше пуштен во домашен притвор, а подоцна му беше овозможено да се брани од слобода.
Отворањето на бугарскиот културен клуб Ванчо Михајлов во Битола, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции од македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.