Обврската за вршење јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца на нов вршител на дејноста – велат од Регулаторната комисија за енергетика РКЕ, откако БЕГ дистрибуција денеска соопшти дека нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона.
Од РКЕ истакнуваат дека вршењето на јавната дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител е прецизно дефинирана во Законот за енергетика каде основниот императив на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија, истакнаа
– Ве информираме дека Законот за енергетика, кој доби и зелено светло од Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека сè до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност), наведуваат од Регулаторната комисија за енергетика.
Компанијата БЕГ, на која во јуни годинава и беа одземени лиценците поради неликвидност како резултат на високите цени на природниот гас, претходно соопшти дека нема правен основ да располага со топланите, како и дека нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија.
По соопштението од БЕГ од Владата исто така порачаа дека се додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија.
По одземањето на лиценците на БЕГ Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Јавното отворање на понудите се одржа на 13 септември. Во тек е евалуација понудите на ЕСМ Производство на доплина Дооел Скопје, ЕСМ Дистрибуција на топлина Дооел, ЕСМ Снабдување со топлина Дооел, трите претпријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ.