Досега најдолгиот конвој од 60 километри воени руски возила се движи кон Киев во обид за нова окупација, покажуваат снимките објавени синоќа од „Максар Технолоџис“, јавува Си-Ен-Ен. Она што се мислеше дека се 27, всушност се 60 километри. Истовремено, гранатиран е Харков и два клучни града на југот – Мариупол и Херсон. Херсон е веќе целосно опколен, пишува Б92.
Експлозии во центарот на Харков
Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина Антон Герашченко утринава соопшти дека руските сили го гранатирале Плоштадот на слободата во центарот на Харков. Се смета дека едно лице загинало, а три се повредени, според информациите на државната служба за вонредни ситуации.
Некои медиуми информираат дека 70 украински војници загинале во напад на воената база на половина пат меѓу Киев и Харков.
Мариупол денеска ќе биде целосно опколен
Мариупол ќе биде целосно опколен во вторник, изјави официјалниот претставник на Народната милиција на ДНР, Едуард Басурин. „Денеска опсадата на Мариупол ќе биде целосно завршена. Тој ќе биде целосно опкружен“, изјави тој за ТВ каналот „Русија 24“.
Руската армија е пред портите на украинскиот град Херсон, на југот на земјата, изјави денеска градоначалникот Игор Коликаев. На социјалните мрежи се прикажуваат снимки како руските сили влегуваат во градот со 290.000 жители.
„На влезовите во Херсон руската армија постави контролни пунктови. Тешко е да се каже како ќе се развива ситуацијата“, напиша Коликаев на Фејсбук.
Тој додаде дека Херсон е украински град и така ќе остане.
„Херсон ќе се спротивстави!“ напиша тој.
„Не водете агресивни разговори со никого и не предизвикувајте конфликти со неистомисленици… ова не е битка, ова е војна. А војната се добива со разумни постапки и ладни глави“, заклучи тој.