Европска Унија прокоцка многу време и доверба на Западен Балкан и ако сака да победи во конкуренцијата со Русија и Кина, мора да ја оживее перспективата за членство, но на таков начин што кандидатите веднаш ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ, изјави претседателот на комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел Рот, јави дописникот на МИА од Белград.
Рот во авторски текст за „Цајт” (Die Zeit), нагласи дека Европа мора да преземе решителни чекори за да покаже дека соработката со либералните демократии е многу поатрактивна и поодржлива од соработката со авторитарни режими.
Руската агресија против Украина, според Рот, ја разбуди ЕУ од нејзиниот длабок геополитички сон и ја натера „повторно да открие еден од нејзините најуспешни инструменти – политиката на проширување”.
„Таа политика“, пишува Рот, „беше „мотор на мирот, демократијата, владеењето на правото и благосостојбата во Европа, а сега е време доследно да се продолжи со таа успешна приказна и во Источна Европа и на Западен Балкан”.
„Враќањето на војната во Европа не натера да сфатиме дека стабилизацијата и интеграцијата на нашите источни и југоисточни соседи е и во наш, а и пред сè, во наш интерес. Затоа процесот на проширување треба да се реформира на тој начин што луѓето во земјите кандидати, дури и пред формалното членство, постепено да профитираат од првите предности на ЕУ“, наведе Рот, кој беше државен секретар во германското Министерство за надворешни работи од 2013 до 2021 година.
Тој посочи дека шест предлози би можеле да послужат како насоки за ваква реформа на пристапниот процес со која земјите-кандидатки ќе бидат чекор по чекор интегрирани во структурите на ЕУ уште пред формалното членство.
Како прво, претставниците на земјите кандидати кои постигнаа задоволителен напредок во областа на демократијата, владеењето на правото и доброто владеење во рамките на преговорите сега треба редовно да присуствуваат на состаноците на Европскиот совет и на избрани состаноци на Советот на министри на ЕУ, а одлуката за ова треба да ја донесе со квалификувана одлука Советот на ЕУ и Европскиот парламент по препорака на Европската комисија.
„Дури и пред зачленувањето, ЕУ треба уште поблиску да соработува со земјите кандидати во важни области како што се безбедноста, енергетиката и инфраструктурата“, оценува Рот.
Тој истакнува дека, особено со оглед на доаѓањето на зимата, неопходно е да се обезбеди снабдување со енергија на регионот и дека постепениот пристап до европскиот заеднички пазар би бил примамлив поттик за кандидатите на нивниот пат кон ЕУ.
Претпристапната помош за поддршка на интегративните напори, според Рот, треба значително да се зголеми за да се пополнат инвестициските празнини и да се намали атрактивноста на кинеските кредити.
Еден од предлозите е членките на ЕУ да преземат „кумства” за поединечни земји кандидати, со цел технички и политички од непосредна близина да го набљудуваат и поддржат нивниот европски пат.
Конечно, Рот смета дека одлуката за почеток на пристапниот процес и отворање или затворање на преговарачките поглавја во иднина во Советот на ЕУ треба да се носи со квалификувано мнозинство, наместо со консензус како досега.
Во текстот Рот предупредува дека „на Западниот Балкан беснее неумолива системска конкуренција, меѓу либералната демократија и авторитарните режими на Русија и Кина”.
„Поради неподготвеноста и колебливоста на ЕУ, се создаде политички и економски празен простор, наведува тој, во кој со голема одлучност влегле други актери кои не само што ги отфрлаат вредностите и интересите на ЕУ, туку и се борат против нив“.
Меѓу тие актери, според Рот, Русија поттикнува немири со цел да го дестабилизира Западен Балкан и со тоа да ја спречи понатамошната европска интеграција на регионот.
„А онаму каде што ЕУ не прави доволно или тоа го прави предоцна, Путин се нуди себеси како спасител во неволја, на пример во снабдувањето со енергенти“, пишува Рот.
Целта на Кина, од друга страна, според Рот, е да го прошири своето влијание на Западен Балкан преку изградба на економски врски, особено преку големи инвестиции во инфраструктурата.
„Во исто време, сепак, ветувањата и реалноста ретко се поклопуваат, бидејќи многу од најавените проекти никогаш не се реализирани или се реализираат многу бавно. Дополнително, под голем знак прашалник е економската придобивка од проектите финансирани од кинески банки, а реализирани од кинески компании со кинески работници и кинески материјали“, оценува Рот.
Тој во авторскиот текст пишува дека ЕУ не треба да бега од овој натпревар, ако сака веродостојно да им покаже на земјите од Западен Балкан дека соработката со либералните демократии е на крајот поатрактивна и поодржлива од соработката со авторитарни режими. Според него големо мнозинство граѓани во регионот сè уште ја гледаат својата земја во иднина во ЕУ и покрај разочарувањата и неисполнетите ветувања.
„Предложената реформа ќе резултира со постепен пристапен процес што ќе го направи долгиот пат попривлечен посилно ќе ги врзе земјите од Западен Балкан со ЕУ, а нема да ги ублажи строгите критериуми за членство“, потенцира Рот во авторскиот текст за „Цајт”.