Многу внимателно разгледувавме за референдумското прашање и многу внимававме и затоа целевме за законот за ратификација на договорот за добрососедство. Сметавме дека од таму произлегуваат проблемите кои ги имаме. Повлекувајќи се од тој договор, прашањето беше поставено за граѓаните да се определат и со самото гласање, владата ќе имаше обврска да го почитува резултатот, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното издание на Вин Вин.
– Штом избегаа од референдумот, очигледно се плашат од одредени работи – вели Мицевски.
Пратеничката од редовите на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева смета дека во нашиот правен систем немаме уредена постапка, во која што ќе се каже дека е постапка за начин за дератификација на меѓународен договор кој што е ратификуван и стане дел од правниот поредок во државата.
– Овде зборуваме за референдум за склучен и ратификуван договор. Членот 24 токму затоа вели во делот на меѓународните договори каков тип на референдум и кога тие можат да бидат иницирани. Зошто ВМРО-ДПМНЕ не сакало тогаш да иницира референдум, нека оценат граѓаните? Зошто партијата избегна и не сакаше да каже дека е против Законот за ратификација и тоа треба да кажат? Не им е прв пат. Вака поставено референдумско прашање, знаевте дека е спротивно на Законот за референдум. Апсолутно знаевте дека не можете на таков начин да дојдете до дератификација на Законот – кажа Калеска-Ванчева во емисијата „Вин-вин“.
Калеска Ванчева не сакаше да коментира зошто претседателот на Собранието. Талат Џафери, не ја препратил иницијативата за референдум до надлежната собраниска комисија, чиј претседател е токму таа, туку одлучил да ја отфрли.
Мицевски посочи дека одлуката на Џафери е злоупотреба.
– Негова задача беше, согласно член 191 и 192 од Деловникот да проследи до комисијата, на крај пленумот донесува заклучок, кој се испраќа до Христијан Мицкоски како овластен предлагач. Ова што денеска се случи е преседан – изјави Мицевски.