Денеска Советот на јавни обвинители објави оглас за нов јавен обвинител на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Распишувањето на огласот е во пресрет на истекот на мандатот на досегашната шефица Вилма Русковска, кој завршува во ноември годинава.
Според Законот за јавно обвинителство, може да аплицираат кандидати што имаат непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавни обвинители до моментот на пријавување на огласот и кандидати што се оценети со позитивни оценки последните три години.
Рокот за пријавување е 15 дена. Според новиот закон од 2020 година, новиот шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција по првпат ќе се избира со гласање на сите обвинители во државата. Ова гласање е закажано за 31 октомври.
Откако ќе заврши рокот за пријавување кандидати, Советот на јавни обвинители ќе треба да формира Комисија за спроведување на гласањето. По денот на гласање, Советот има рок од седум дена за да го именува кандидатот кој освоил најмногу гласови за нов шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Актуелната шефица на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција во моментов е под суспензија, решение што го донесе републичкиот обвинител Љубомир Јовески.