Преговарачкиот тим на Северна Македонија утре и задутре ќе го обновува своето знаење за законодавството на ЕУ, во пресрет на отпочнувањето на билатералниот скрининг, јави дописничката на МИА од Брисел.
Тимот, составен од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и од претставници на надлежните институции, утре во Брисел, а задутре во Луксембург ќе одржи објаснувачки скрининг со Европската Комисија, прв пат од 2019 година.
Објаснувачкиот скрининг ќе се одржува заедно со албанскиот преговарачки тим. Двете земји ќе се одвојат кога ќе започне билатералниот скрининг, најрано за два месеца.
Целта на објаснувачкиот скрининг, како и во 2019, е да се информираат тимовите на земјите преговарачи за текот и новитетите во ЕУ законодавството. Со оглед на тоа дека Северна Македонија и Албанија немале објаснувачки скрининг од 2019, тие треба да поминат преку ажурирање на последните закони, пресуди и одлуки во секое од поглавјата од тогаш до денеска.
Скринингот започнува со првиот, и најважен кластер. Утре состанокот е фокусиран на поглавјето пет – Јавни набавки. Задутре, тимовите заминуваат за Луксембург каде се одржува состанок за поглавјето 18 – Статистика. И двете поглавја се дел од фамозниот прв кластер, познат како “Темели“. Другите поглавја во овој кластер се Правда, Судство и Финансиска контрола.
Од Европската Комисија за МИА изјавија дека тие остануваат целосно посветени на унапредувањето на ЕУ процесот со Северна Македонија и Албанија.
– Ова е прв и значаен чекор во преговарачкиот процес, целосно поддржан од владите и парламентите на двете земји, изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.
Таа додаде дека следните месеци носат „интензивна работна програма“ за сите страни, а таа ќе започне со Темелите.
– Станува збор за технички средби во кои е инволвиран голем број на експерти, а ние сме во близок контакт со властите за распоредот на средбите – додаде Писонеро за МИА.
Откако ќе завршат објаснувачките скрининзи, треба да започнат билатералните. Во овој дел Албанија и Северна Македонија треба да се одвојат.
Билатералниот скрининг го префрла фокусот на земјата преговарач која треба на експертите од Европската Комисија секој пат да им го презентира напредокот во секое од поглавјата. Следува извештај на Европската Комисија кој го проценува тој напредок, а извештајот треба да го одобрат и усвојат земјите членки на ЕУ, односно Советот на ЕУ.
Засега се смета дека билатералниот скрининг би можел да почне некаде во ноември, а да заврши кон крајот на идната година.
Во меѓувреме Северна Македонија има и дополнителен политички услов, а тоа е внесувањето на бугарската заедница во Уставот. Дури потоа Скопје би можело да ја одржи првата Меѓувладина конференција и да ги отвори преговарачките поглавја.
Утре состанокот започнува во 9:15 часот во Брисел. Тимот го води главниот преговарач Бојан Маричиќ.