По доцнење од половина час, денеска собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ја продолжи расправата за предложените кандидати за уставни судии. Продолжи расправата за предлогот Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, да биде уставен судија.
Пратеничката Даниела Христова од ВМРО-ДПМНЕ смета дека во судството во последните пет години има корупција, криминал, нетранспарентност и политизација. Посочи дека изборот на уставниот судија трае девет години и нагласи дека кандидатот што тие го предложиле – Тодор Витларов е вистинскиот човек, пред се сериозен, компетентен, со големо работно искуство во областа на правото.
Христова детално потсети на биографијата на Витларов и на неговите стручни трудови и заклучи дека станува збор за човек кој целиот свој живот го посветил на правото.
– Тоа е човек кој ги поседува сите важни карактеристики кои се клучни за да биде уставен судија, тоа се знаење, искуство и компетентност во конкретната област, потенцира Христова. Посочи дека Витларов е независен, правичен, непристрасен и додаде дека од сите предложени кандидати е најсоодветен за уставен судија.
Во расправата се вклучија и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменкоска – Трајкоска, Дајанчо Ефтимов и Миле Лефков, кои правеа споредба со биографијата на кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева, која претходно доби поддршка од членовите на Комисијата за уставен судија. Тие укажаа колку е важен изборот на уставен судија и значењето на институцијата Уставен суд. Изразија сомнеж дека Тодор Витларов ќе добие поддршка за уставен судија од членовите на матичната комисија.
По завршувањето на расправата за Тодор Витларов, пратениците се очекува да ја разгледаат биографијата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Пратениците досега, освен за Васиќ Бозаџиева, дадоа поддршка и за кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер. Тие, како и Јовески, се предложени од владејачките партии.
Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.
Дебатата за предлозите за избор на судии на Уставниот суд ќе продолжи во 16 часот, по паузата, која ја даде претседателката на комисијата Марија Георгиевска.