На скромна церемонија, во Салата на колоните граѓаните му оддаваат последна почит на Михаил Горбачов, последниот советски лидер и миленик на Западот затоа што помогна да се стави крај на Студената војна, да се олесни обединувањето на Источна и Западна Германија и да се склучи договор за контрола на оружјето со САД.
Тој ќе биде погребан денеска без државни почести и без присуство на рускиот претседател Владимир Путин и западните лидери. Како што претходно соопшти Кремљ, Путин нема да присуствува поради претходни закажани обврски. Рускиот претседател во четвртокот приватно положил цвеќе врз ковчегот во болницата во Москва каде Горбачов починал.
Ќерката на Горбачов, Ирина, најави дека погребот ќе биде скромен. Тој има воена почесна гарда околу одарот , што е само еден елемент на државните почести.
Тоа е минимално во споредба со националниот ден на жалост и државниот погреб во главната катедрала во Москва што се одржа во 2007 година за поранешниот руски претседател Борис Елцин. Тој беше клучен во соборувањето на Горбачов додека се распадна Советскиот Сојуз, а подоцна лично го избра Путин за негов наследник.
Многу Руси не може да му го простат тоа што не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, како и економскиот хаос предизвикан од неговата „перестројка“.
Горбвачов почина во вторникот на 92-годишна возраст, а московјаните ќе можат да го посетат неговиот одар во импозантната Сала на колоните, недалеку од Кремљ, каде што им се оддава последна почест на поранешните советски лидери.
И Горбачов, како и Елцин, ќе биде погребан на московските гробишта Новодевичи, покрај неговата сопруга Раиса, која почина пред 23 години.