Главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, ги награди седумтемина бугарски државјани кои им пружија прва помош на настраданите во тешката несреќа кога српски автобус на 14 август се преврте на автопатот Тракија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, церемонијата се одржа во Судската палата во Софија, а присуствуваше и српскиот амбасадор во Бугарија, Жељко Јовиќ.
Јавниот обвинител им врачи плакети и заслуги на д-р Христо Стефанов, д-р Антон Елкин, Петар Канев, Живко Стамболиев, Ивилина Шкембиева, Илијан Шмилев и Теодор Бочев за нивната граѓанска храброст во брзата помош на повредените српски државјани.
Гешев во име на Обвинителството на Република Бугарија им се заблагодари на наградените и изјави дека за жал живееме во време кога добрата вест е лоша вест, а по неколку дена сè се заборава. И српскиот амбасадор во Бугарија им честиташе на спасувачите на неговите сонародници.
Вкупно 99 казни за тешки прекршоци му се изречени на сопственикот на автобусот. Освен казните за сопственикот, четири казни му се изречени и на закупецот на автобусот, објавуваат српските медиуми. Во несреќата повредени беа дванаесет деца на возраст од 6 до 16 години и четворица возрасни. Сите се враќаа од туристичкото место Несебар. За среќа, немаше жртви.