Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека преку алтернативни решенија ќе се заобиколува блокадата на опозицијата на изборот на амбасадори.
Тој денеска на прес-конференција на која даваше отчет за сработеното во првите две години од неговиот мандат рече дека процесот на консултации во Собранието и со опозицијата не е задолжителен.
– Тоа е повеќе добра волја за да се покаже инклузивност, односно вклучување на Парламентот и ние инсистираме на тоа, затоа што не сакаме една добра пракса да ја уништиме. Но доколку продолжи блокирањето преку незакажување на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи, ќе се бараат алтернативни решенија – рече Османи.
Шефот на дипломатијата веќе разговарал со претседателот на државата, Стево Пендаровски. Османи очекува Пендаровски да преземе чекори за да се најде оптимално решение.
Според него, со блокирањето на процесот од страна на пратеникот Антонио Милошоски се јавуваат проблеми по многу прашања, освен што се блокира нормалното функционирање на македонската дипломатија.
– Не само што се блокира нормалното функционирањето на надворешната политика, не само што остануваат празни нашите амбасади, не само што даваме лоша порака на граѓаните што не праќаме амбасадор… Не можеме 8 септември да го одбележиме во дипломатските конзуларни претставништва, да имаме мал прием, бидејќи амбасадорите не можат да го организираат тој прием во чест на празникот. Има и практични причини, почнува школската година, амбасадорите треба да ги запишат децата во училиштата во државите во кои одат, не можат да ги запишат, ќе треба децата да изгубат од наставата. Има од политички до практични и човечки причини, а нема аргументи – вели Османи.
Блокирано е именувањето на амбасадори во Софија, Отава, Брисел, Осло и Париз.