Речиси половина од Европа е загрозена од суша, се вели во извештајот на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC) објавен во понеделникот.
Во извештајот се наведува дека на 10 август 47 отсто од европската територија го достигна нивото на предупредување за суша, додека 17 отсто од испитаните региони се во состојба на целосна готовност.
Истражувачите велат дека сушните услови се поврзани со ретки врнежи од дожд и бројни топлотни бранови од мај наваму, кои предизвикаа намалување на нивото на реките низ Европа. Намалените количества вода имаа негативно влијание и врз енергетскиот сектор, како за производството на хидроенергија, така и за системите за ладење на другите електрани.
Сушата значително ги намали приносите на земјоделските култури, а најпогодени се пченката, сојата и сончогледот, велат истражувачите.
„Влагата на почвата и вегетацискиот стрес се сериозно погодени“, се вели во извештајот, наведувајќи повеќе од десетина земји со зголемен ризик од суша, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија.
Остатокот од Европа, веќе погоден од суша, одржува стабилни екстремно суви услови“, се вели во извештајот.
Во извештајот се вели дека регионите каде што условите најмногу ќе се влошат се оние кои веќе беа погодени од суша во пролетта 2022 година – на пример, северна Италија, југоисточна Франција и некои области во Унгарија и Романија.
Истражувачите предвидуваат дека до ноември во западниот евро-медитерански регион веројатно ќе преовладуваат потопли и посуви од нормалните услови.
„Неодамнешните врнежи може да ги олеснат условите за суша во некои региони на Европа“, велат експертите. „Меѓутоа, во некои области, поврзаните бури со грмотевици предизвикаа штета и може да ги ограничат корисните ефекти од врнежите“.