Распишан јавниот повик за распределба на социјалната зграда во Пробиштип

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Министерството за транспорт и врски го објави огласот за распределба на 48 станови со социјалната зграда во Пробиштип. Денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заедно со директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Зоран Ѓоргијев и градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов извршија обиколка на зградата.

Јавниот повик трае 30 дена и е наменет за шест ранливи категории на граѓани и тоа: Деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница- социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите како и самохрани родители со малолетни деца.

„Се работи за социјална зграда со 48 станбени единици што значи дека 48 ранливи семејства од Пробиштип ќе бидат згрижени. Денешната средба со градоначалникот Анастасов, со директорот Ѓоргијев и со претставници од Центарот за социјални работи и е токму во насока заеднички да се координираме за постапките за побрзо и поефикасно да го завршиме процесот на распределба. Покрај оваа социјална зграда, би сакал да напоменам дека комплетно завршени се и зградите во Виница и во Свети Николе и тие ќе се распределат во следниот период” изјави министерот Бочварски.

Тој потенцираше дека во завршна фаза се уште 130 социјални станови во Демир Капија, Неготино и Гевгелија и уште 470 станови кои се во изградба и тоа во Бутел, Велес, Кочани, Пехчево и Сарај.
„Финансиската конструкција на овој проект веќе завршува, завршуваме со изградба на зградите кои што ги спомна министерот и сме во интензивни преговори со Банката за обезбедување на нов заем со што ќе го продолжиме овој проект за да можеме да градиме вакви социјални згради и во другите општини низ државата.“ – изјави директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓеоргиев.

„Драго ми е што денеска со министерот и директорот го објавуваме огласот за распределба на оваа социјална зграда, во која ќе згрижиме 48 семејства. Особено е значајно ова за нас бидејќи го решаваме станбеното прашање на наши сограѓани од ранливите категории.“ – изјави градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов.

Министерот Бочварски најави уште еден инфраструктурен проект кој ќе започне со реализација во септември, а тоа е изградба на атмосферска канализација на улицата „Македонски Револуционери“ со вредност од 4,4 милиони денари.

Share This Article