Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека не добил покана од Брисел, пренесува Радио Слободна Европа.
– Требаше да се сретнам со претседателот на Србија во Брисел на 19 јули, но тој побара таа средба да се одложи за крајот на август. Можеби беше зафатен со подготовка на она што се случи вчера, бидејќи требаше да се сретнеме на 19 јули – рече Курти денеска на прес-конференција.
Курти додаде дека „ја изразил својата подготвеност да оди во Брисел кога ќе ги покани високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел“.
– Таква покана сè уште немаме, кога ќе ја добиеме, ќе ја објавиме и ќе го изнесеме нашиот став – рече Курти и додаде дека го поддржува и е подготвен за дијалог кој ќе доведе до целосна нормализација на односот меѓу Косово и Србија, фокусиран на меѓусебното признавање.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти добиле покана од шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, да дојдат во Брисел и да го продолжат дијалогот за сите отворени прашања, потврдија извори во Брисел за Радио Слободна Европа.