Преговорите се отворени и скринингот започна. Одржувањето на наредната меѓувладина конференција зависи од билатералниот договор меѓу двете засегнати земји. Ако не ги направите уставните измени веројатно преговарачкиот процес ќе запре и ќе се чека решавањето на ова прашање, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
– Со начинот на којшто договорот е направен, преговорите се отворени. Скринингот започна и имавме нешто што е наречено меѓувладина конференција со која започна целиот процес. Кога скринингот ќе биде завршен во оваа фаза, да одите на наредната точка е потребно да има друга меѓувладина конференција – рече Гир.
Како што нагласува Гир, одржувањето на таа меѓувладина конференција зависи од овој билатерален договор меѓу двете засегнати земји.
– Секако, тоа е суверена одлука за Северна Македонија да го смени Уставот, иако веќе имате добар учинок во меѓуетничките односи и ова понатаму само ќе го дефинира тоа. Но, што ќе се случи ако не оди напред. Мислам дека најверојатното сценарио ќе биде преговарачкиот процес да запре таму. Ќе го завршите скринингот, но одржувањето на меѓувладината конференција и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање. Не бидејќи трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија – вели Гир.
Прашан да го искоментира најавениот референдум, вели дека „за одржување на евентуален референдум јас повторно ќе кажам дека ова е суверена одлука за оваа земја да ја направи затоа нема конкретно да коментирам за тоа“.
– Но, повторно можеби може да се вратиме наназад и да ја видиме големата слика овде. Стратешкиот избор кој оваа земја го направи бројни години е да влезе во ЕУ и процесот сега започна. Зошто е важен. Има бројни јасни причини зошто оваа земја ќе има корист од членството во ЕУ и ЕУ ќе има корист да ве има како дел од семејството. На економска страна, ЕУ е најголемиот единствен пазар во светот и исто така ваш сосед. Ова нуди огромни можности за бизнис, за трговија, за инвестиции, за подобрување на животниот стандард и средствата за живот, за осигурување дека младите луѓе ќе ги развијат неопходните вештини да се натпреваруваат на пазарот на труд во овој поголем единствен пазар. Но, не е само тоа. Има и други многу јасни бенефиции од членството во ЕУ – оценува Гир.
Тој наведува дека на ВМРО-ДПМНЕ останува да ја постави својата позиција на овие различни прашања, како што е на сите партии да го направат тоа.
– Не сакам да навлегувам и да давам ставови за специфични партии. Ние сме спремни да разговараме со сите партнери кои се посветени на евроинтегративниот пат – рече Гир.
На прашањето колку ЕУ ќе биде гарант дека Бугарија нема да ги кочи и блокира преговорите и во случај кога Северна Македонија ќе ги исполнува своите обврски од билатералниот протокол, евроамбасадорот вели дека ЕУ ги разбира идентитетските прашања.
– За време на консултациите и јавната дебата во однос на отворање на преговорите за членство и овој договор имаше многу емоции, многу загрижености за националниот идентитет. Луѓето велеа националниот идентитет ќе биде ставен под сомнеж. Дали ова ќе биде како што некои рекоа бугаризација на земјата преку процесот за членство. Повторно, ние сите така ги слушнавме лидерите на Европскиот совет, претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европската комисија. Двајцата клучни играчи во процесот за членство. Тие подвлекоа дека процесот за членство ќе се врши врз основа на европските стандарди и европски принципи и тие отидоа подалеку да кажат дека овие прашања како идентитетските прашања не може да бидат услови или одредници во самиот процес за членство. Претседателката Фон дер Лајен пред Парламентот, за време на дебатата таму, исто така додаде дека интерпретацијата на историјата на пример се примери на нешта кои не треба да бидат вклучени – рече Гир.
Според него, билатералните прашања во преговорите за членство биле покренати и порано, во други процеси.
– Словенија, Хрватска. Други земји исто така. Има интерес во ЕУ. Меѓу земјите членки. Во институциите процесот да се гледа низ фокусот на прашањата на кои треба да се фокусира како реформите кои треба да бидат спроведени. Така што мислам дека има многу јасни индиции од ЕУ и од земјите членки дека сакаат овој процес да ги следи европските стандарди и европските принципи. Ние ги разбираме идентитетските прашања. Всушност, минатата недела кога бев на меѓувладината конференција, високиот претставник и заменик претседател на ЕК, Борел конкретно кажа дека ги разбираме идентитетските прашања, но не го губите идентитетот за време на процесот. Ниту една земја не го направи тоа. Како што кажав во неколку прилики досега. Мислам видете ги земјите кои станаа членки. Дали Шпанците станаа помалку Шпанци. Дали Естонците кои се од помала земја станаа помалку Естонци. Дали Малтежаните од уште помала земја станаа помалку Малтежани. Не. Јасно дека не и нема причина оваа земја да го става својот идентитет под сомнеж – кажа Гир.
Исто така е важно, наведува Гир, бидејќи ме прашавте дали има гаранции и мора да бидеме јасни, нема гаранции. Самиот процес нема 100 процентни гаранции. Самиот процес се состои од серија моменти кога едногласни одлуки треба да се донесат. Така функционира за сите земји. Ниту една преговарачка рамка не може да гарантира дека други прашања нема да бидат покренати. Доколку бидат покренати ЕУ како што има направено во други процеси за членство ќе се справи со нив, вели Гир.