За време на посетата на Вашингтон, јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши алармираше поради однесувањето на Кина во Индо-Пацификот, истакнувајќи дека „логиката на брутална сила“ почнува да го надминува владеењето на правото во тој дел од светот.
Зборувајќи за заедничките летови на кинески и руски бомбардери кои беа откриени во непосредна близина на Јапонија во мај, Хајаши предупреди дека се посилната воена координација меѓу Кина и Русија станува голем безбедносен проблем.
„Веќе сме на историски пресврт. Ова е пресвртница во кризниот период со кој се соочуваме. Дури и во Индо-Пацификот, „логиката на брутална сила“ добива сè поголема сила над владеењето на правото, а стратешката рамнотежа во регионот е се поголем предизвик за Јапонија и САД“, рече тој во петокот на панел организиран од американскиот тинк-тенк Центар за стратешки и меѓународни студии, пренесува Јутарњи лист повикувајќи се на Гардијан.
Хајаши додаде дека унилатералните обиди за насилно менување на статус кво во Источното и Јужното Кинеско Море предизвикуваат зголемена загриженост и тој се осврна на растечката тензија меѓу Кина и Тајван.
„Стабилноста во Тајванскиот теснец е исклучително важна. Затоа е клучно да се одржи искрен дијалог на високо ниво со Пекинг“, рече јапонскиот шеф на дипломатијата и нагласи дека споменатата соработка е важна и кога се во прашање климатските промени и Северна Кореја.
Хајаши се осврна и на руската инвазија во Украина, велејќи дека слични потези никогаш не треба да се дозволат никаде на друго место во светот.
„Важно е таквиот потег да се окарактеризира како јасен неуспех, за другите земји да не се обидуваат насилно да променат нечија статус кво состојба“, предупреди тој.
Хајаши најави дека владата во Токио планира значително да го зголеми буџетот за одбрана и да ги зајакне одбранбените капацитети во следниот петгодишен период. Тој исто така рече дека постои „итна потреба да се зајакнат регионалните способности за одвраќање и одговорот на јапонско-американската алијанса на можни кризи“.
„Потребно е да се задржат сите опции на маса, вклучително и опцијата „контра штрајк“. Треба да се зајакнат високотехнолошките одбранбени способности“, заклучи тој и ја повика Кина, која брзо ги зајакнува своите нуклеарни сили, да се приклучи на глобалните напори за намалување на нуклеарниот ризик.