Четириесет украински воени заробеници загинаа, а 75 се ранети во украинскиот ракетен оган врз областите контролирани од сепаратистите кога напредните американски системи ХИМАРС го погодија затворот, јавуваат руските агенции, а Киев во петокот објави најмалку пет жртви на рускиот напад во Миколаев.
Според извештаите од бојното поле, областа Доњецк била цел на ракетниот систем ХИМАРС.
Руското Министерство за одбрана наведува дека се работи за затвор во близина на месноста Оленивка (на руски Еленовка), на триесетина километри југозападно од Доњецк, главниот град на провинцијата изотим која е под контрола на проруските сепаратисти.
„Оваа страшна провокација е извршена со цел да се заплашат украинските војници за да се спречат да се предадат“, тврди руското министерство, а пренесува агенцијата АФП.
Руската јавна телевизија објави снимка од, како што ја опиша, јагленисани бараки, но не ги покажа жртвите.
Западните новински агенции наведуваат дека не можеле да ги потврдат овие изјави од независни извори.
Руското Министерство тврди дека во затворот биле сместени припадници на Азовскиот полк, за кој Москва тврди дека е неонацистичка милиција.
Тој полк стана познат по својот жилав отпор на руската опсада на Мариупол, која конечно падна во мај, а околу 2.500 припадници на Азовот конечно се предадоа, а руските власти изјавија дека ќе бидат затворени во Оленивка.
Жртви во Миколаев
Од украинскиот град Миколаив, на југоистокот на земјата, има и вести за загинати.
Виталиј Ким, гувернер на истоимената област, објави дека најмалку пет лица загинале, а седум се ранети во руски ракетен истрел.
„Засега знаеме за седум ранети и пет убиени“, напиша Виталиј Ким на Телеграм, објаснувајќи дека се работи за напад на станица за јавен превоз.
Русија, која ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари, не беше достапна за коментар, но редовно истакнува дека целите на нејзините напади се воени, а не цивилни.
Ројтерс додава дека не може самостојно да ги потврди податоците за нападот на Миколаев.