На денешната прес-конференција беше најавено одржувањето на првото издание на Спортскиот фестивал Илинден 2022. Во организација на Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ од Струга, во соработка со Клубот за друмски велосипедизам „Фаланга“ Струга, клубовите за планински велосипедизам „Рупикапра“ и „Караула” од Струга, Планинарско Еколошко друштво „Закамен“ Струга, како и со учество на бројни спортисти, ентузијасти, професионалци и аматери, со поддршка и помош од Црвен крст – Струга, и пред сѐ, со сесрдната и несебична помош на нашите спонзори, помагачи и пријатели, на 1 август 2022 година ќе биде организиран Спортскиот фестивал Илинден 2022. Овој спортско-културен хепенинг под мотото: „По врвиците на борбата за македонска државност” се организира во чест на големиот празник Илинден, како израз на почит и сеќавање на револуционерната борба за државност и самобитност, на сите кои со својата борба и саможртва во двата Илиндена ја создадоа македонската држава. Преку спортски активности токму на просторите каде се одвиваа едни од најголемите битки, каде се создавани најголемите воени единици, ќе ги одбележиме двата Илиндена.
Концептот на спортските активности опфаќа и посета сите значајни места за историјата на Македонија и македонскиот народ: спомен-обележјата и гробовите во Ташмаруништа каде се погребани востаниците од Ложани и Драслајца загинати во една од најголемите битки за време на Илинденското востание, посета на спомен-обележјето во Локов, каде е формирана Првата македонска ударна бригада, посета на Селци, родното место на Војдан Чернодрински и Арсениј Јовков итн.
Нашата мисија е преку спортски активности и културни случувања во едни од прекрасните предели на Македонија да бидат промовирани природните убавини на овој крај, да се промовираат спортските можности за одржување на разновидни спортски активности.
Стартот на спортските активности ќе биде на Мостот на поезијата, од каде ќе тргнат велосипедистите, кајакарите и СУП-ерите. Планинарите ќе стартуваат од с. Ташмаруништа. Сите по различни рути се упатуваат до с. Глобочица, каде ќе се одржи голема забава.
Нашиот фестивал има уште една хумана и благородна мисија, да бидеме во поддршка и да придонесеме за подигнување на свеста за луѓето погодени од ретки болести. И оваа година, но овојпат во склопот на фестивалот, ќе се вози кајакарскиот маратон „Весламе за ретките“.