Владиниот Совет за македонски јазик ја поддржува Унилатералната изјава доставена до Европската Унија(ЕУ) и Министерството за надворешни работи(МНР).
„Литературниот/стандардниот македонски јазик конечно е кодифициран во 1945 година, како резултат на подолг процес на културна и писмена активност. Во согласност со сознанијата, затврдени со широкоприфатените теории и емпириските теренски истражувања на современата домашна и светска славистичка и лингвистичка наука, македонскиот јазик има свој историски, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на посебниот развој на сите негови дијалекти и на неговиот дијалектен континуум, кои се распространети на целиот негов говорен простор. Во основата на современиот македонски стандарден јазик лежат централните говори на западното наречје, односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес“, се вели во нивното соопштение до јавноста.
Претходно деновиве голем дел на лингвисти, експерти, слависти, македонисти, јазичари, писатели, академици и членови на МАНУ излегоа со свој проглас дека нема да ја прифатат изјава бидејќи таа не го заштитува јазикот, бидејќи се откажува од неговите дијалекти надвор од територијата на Република Македонија. Експертите исто така рекоа дека изјавата не ја зема предвид богатата традиција и генеза на јазикот пред кодификацијата во 1945 година, односно кирилметодиевската традиција и бројни други обележја.
Меѓу коментарите беше и фактот дека поднесениот текст на изјавата имал печатни грешки, односно бил нелекториран.