Нема голема придобивка од инјектирање на хијалуронска киселина кај остеоартритис на коленото, покажа опсежната студија, потврдувајќи ги растечките сомнежи дека овој тип на терапија ја ублажува болката.
Студијата „не ја поддржува општата примена на вискосуплементација за ублажување на артрозата на коленото“, велат авторите на студијата објавена во „British Medical Journal“ (BMJ).
Артрозата на коленото е една од најчестите болести на зглобовите. Поради оштетување на зглобната ‘рскавица, пациентите трпат болка што им го отежнува секојдневниот живот, вклучително и одењето.
Таа е многу распространета и според податоците од 2020 година на кои се повикуваат авторите на студијата, артрозата на коленото погодува повеќе од половина милијарда луѓе во светот.
Во Франција, здравственото осигурување кое ги покрива трошоците за лекување проценува дека речиси една третина од населението на возраст од 65 до 75 години има артроза на коленото.
Со децении, една од водечките терапии пропишани за артроза на коленото се инјекциите на хијалуронска киселина, желатинозна супстанца која го подобрува подмачкувањето на зглобовите.
Но, вистинската ефикасност на таа терапија, наречена вискосуплементација, предизвикува се повеќе сомнежи, поради што француското јавно здравство престана да ги покрива трошоците за таквата терапија пред неколку години, и покрај противењето на специјалистите, лабораториите кои ги произведуваат, како како и здружението на пациенти.
Студијата објавена во BMJ оди токму во таа насока. Станува збор за мета-анализа со која се споредуваат одреден број на претходни дела, опфатени неколку десетици години, што дава добар увид во материјата.
Авторите признаваат дека вискосуплементацијата „помага малку да се намали болката при артроза на коленото“, но пишуваат дека ефектот е премногу мал за да се смета таквата терапија релевантна на клиничко ниво.
Дотолку повеќе што инјектирањето на хијалуронска киселина не е безопасно: вискосуплементацијата е поврзана со сè потешки секундарни последици, кога, на пример, ќе се спореди со плацебо, пишуваат авторите.
Иако не можат да ја исклучат можната корист од вискосуплементацијата за одредени категории пациенти, авторите се против системската примена на таквата терапија кај артрозата на коленото.