Русија планира да создаде сопствена референтна класа на нафта, со чија помош Москва ќе може да се спротивстави на обидите на Западот да ги намали нејзините приходи, пишува Блумберг. Ваквиот репер или на англиски, бенчмарк би требало да ги сопре плановите на групата земји од Г7 и на САД „да ѝ стават капак“ на цената на нафтата кој вртоглаво расте, за што Плусинфо веќе пишуваше.
„Според планот, Русија ќе работи на привлекување странски партнери да купуваат нафта со цел да се постигне обем на трговија доволен за воспоставување референтна цена помеѓу март и јули 2023 година“, се вели во написот.
Се нагласува и дека иницијативата е „во рана фаза“.
Бенчмарк на суровата нафта е референтната цена за трговците. На пазарот постојат три основни одредници, West Texas Intermediate (WTI), Brent Blend и Dubai Crude. Други добро познати мешавини ја вклучуваат референтната кошница на ОПЕК, суровата нафта Тапис со која се тргува во Сингапур, Бони Лајт што се користи во Нигерија, Уралска нафта што се користи во Русија и мексиканскиот Истмус.
Ставањето капак на цената на нафтата би било многу поефективна мерка од досегашното ембарго на руска нафта од страна на Западот. Ембаргото не ѝ нанесе значителни штети на Москва која пренасочи добар дел од извозот во Азија каде со своите партнери Кина и Индија воспостави нови трговски врски, давајќи им разни попусти и други бенефити.