Црна Гора со години беше единствената земја на Балканот без километар автопат. Деценискиот сон на генерациите конечно се оствари, па во среда, на 13 јули, на Денот на државноста на Црна Гора, свечено беше отворена првата делница од автопатот Бар – Бољаре, кој се протега од Подгорица до Колашин.
Екипата на Anadolu Agency возеше по новиот пат, кој веќе беше преполн на првиот ден од неговото отворање. Врвот на летната туристичка сезона полека се наближува, а оваа делница добро ќе им дојде на сите кои доаѓаат од Србија и Босна и Херцеговина.
Делницата од Подгорица до Колашин е долга 41 километар. Иако е најкомплицирана за градба поради конфигурацијата на теренот, првата делница е само четвртина од планираниот автопат низ Црна Гора, кој би ги поврзал Бар на југ и Бољаре на крајниот север, кон Србија, со должина од околу 170 километри.
Оваа траса, чија изградба започна во 2015 година, ја изгради кинеската државна корпорација China Road & Bridge Corporation (CRBC).
Автопатот има 20 моста на главната траса, два надвозници, осум подвозници, 7,2 километри бетонски ѕидови, 16 тунели со двојни цевки. Делницата има четири јамки, со наплатни рампи.
Четириесет и еден километар автопат, кој чини речиси една милијарда евра, се градеше седум години, за време на мандатите на четири влади, со пет доцнења во завршувањето на работите.
Освен што ќе придонесе за развојот на северот на Црна Гора, се очекува автопатот од Колашин до Подгорица да влијае и на намалување на сообраќајните несреќи. Возачите сега нема да мора да минуваат низ кањонот Морача, кој поради неговата непробојност влијаеше на бројни сообраќајни несреќи со смртни последици.
Ограничувањето на брзината на автопатот е 100 километри на час, така што од Подгорица до Колашин можете да стигнете за 20 минути. Преку кањонот Морача до сега оваа рута се минуваше за нешто повеќе од еден час.
До 21 јули возењето по новиот пат ќе биде бесплатно. Потоа цената на возењето за мотоцикли ќе биде едно евро, за патнички 3,5 евра, а за автобуси и камиони 17 евра.