Од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје, по преземени мерки и активности, лишени се од слобода Д.Ј.(32) и С.Ј.(18) од Скопје и во соработка со ОЈО Скопје против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385 од Кривичниот законик, соопштија од МВР.
„Тие се сомничат дека на 05.07.2022 околу 21.00 часот, за време на одржување на ненајавен јавен сoбир организиран преку социјални мрежи, започнале да фрлаат со камења и разни други предмети спрема полициските службеници и зградата на Собранието. Против нив се обезбедени сите докази, по што се изнесени пред Судија на претходна постапка“, се вели во соопштението испратено од МВР.
Оттаму порачаа дека СВР Скопје продолжува со преземање мерки и активности за идентификување на сторители на кривични дела за време на протестите и обезбедување на докази против нив, по што заедно со кривичните пријави, ќе бидат приведени и изнесени пред надлежен Јавен обвинител и пред Судија на претходна постапка.
Од МВР објавија и видео снимка од приведувањето на осомничените прекршители на законот.