Виролозите изразија загриженост за појавата на уште една омикронска варијанта која забрзано се шири, а ја која доминира во Индија и веќе пристигна во Велика Британија.
Варијантата „BA.2.75“ на корона вирусот, која ја нарекоа „Кентаур“, првпат беше откриена во Индија на почетокот на мај. Случаите во земјата нагло се зголемија оттогаш, очигледно побрзо од оние на високо преносливата варијанта „BA.5“, која исто така е присутна во Индија и брзо ја заменува претходно доминантната варијанта „BA.2“ во многу земји.
„BA.2.75“ е откриена и во околу 10 други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД, Австралија, Германија и Канада.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) го означи новиот вид како „варијанта под надзор“ на 7 јули, што значи дека има некои индикации дека може да се пренесе побрзо или да биде поврзана со потешки форми на болеста, пренесува Гардијан.
Покрај очигледното брзо зголемување на бројот на заразени, виролозите се загрижени за бројот на дополнителни мутации што ги содржи „BA.2.75“ во споредба со претходниот вид „BA.2“ од кој веројатно еволуирал.
– Ова може да значи дека тој имал можност да развие предност во однос на веќе успешната варијанта на вирусот – изјави д-р Стивен Грифин, вирусолог од Универзитетот во Лидс.
Европските агенции за здравство и медицина објавија препораки за т.н втората бустер доза, односно четвртата вакцина против коронавирусот, со акцент на чувствителните групи и лицата постари од 60 години.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), бројот на случаи на коронавирус во поголемиот дел од Европа нагло се зголемува од крајот на мај.