Украина собира „милионска армија“ опремена со оружје на НАТО за да го врати југот на земјата од окупаторските Руси, рече министерот за одбрана Олексиј Резников, пишува Би-Би-Си. Според него, украинскиот претседател веќе дал команда да се направи план за нападот. Украина ќе се фокусира на областите околу брегот на Црното Море.
– Политички гледано, тоа е клучно за нашата земја. Претседателот ја издаде наредбата, а сега останува на воените службеници да направат план – рече Резников, додавајќи дека е во постојан контакт со западните колеги на кои детално им објаснува какво оружје ѝ треба на Украина.
Тој изјави и дека е задоволен од соработката со земјите од НАТО, но дека таа мора да се забрза.
Во прилог на фактот дека нешто големо се подготвува на југот на земјата, Украина апелираше до своите граѓани да се евакуираат од Херсон. Имено, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук вчера ги предупреди цивилите во Херсонската област под руска окупација да ги напуштат своите домови бидејќи таму украинските вооружени сили подготвуваат контранапад, без да прецизира кога тоа би можело да се случи.
– Со сигурност знам дека сопругите и децата не треба да бидат таму и дека не смееме да дозволиме тие да станат „човечки“ штитови – рече Верешчук.
Сепак, планот на Украина е комплициран поради континуираното силно ракетирање на неосвоените градови низ земјата од страна на Москва.
Во неделата беше погодена петкатна зграда во градот Часив Џар на истокот на земјата, а во нападот загинаа 15 лица, додека дваесетина од нив се уште се заробени во урнатините.
Андриј Јермак, началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека нападот е „уште еден терористички напад“ и дека Русија треба да биде означена како терористичка држава.
Исто така, украинската страна денеска соопшти дека руските сили ја бомбардираат целата источна територија, бидејќи сакаат да го окупираат индустрискиот центар Донбас. Сметаат дека жестокото гранатирање е подготовка за уште поголемо засилување на нападот.