Американскиот кошаркар, Мајк Кафи, е првото засилување за МЗТ Скопје Аеродром во пресрет на новата сезона, во која „сино-белите“ покрај домашните првенство и куп, ќе бидат дел и од регионалната АБА-лига.
„Станува збор за искусен плејмејкер, кој веќе седум години настапува на европска сцена и зад чие име стојат одлични бројки, како најава за тоа што може да се очекува од него. Кафи во сезоната 2020/21 беше МВП на првенството на Украина, каде што во дресот на Запорожје просечно реализираше 16,9 поени и 7,7 асистенции. Речиси во сите сезони во Европа има двоцифрен поентерски просек и забележителен број асистенции, а убедливо најефикасен беше во унгарски Јашберени, кога во борбата за опстанок на секој меч постигнуваше по 20,8 поени и тоа со 50-отстотен шут за тројка. Американецот има играно уште за грчка Трикала, фински Хелсинки, словачки Лученец и за Киев Баскет, додека минатата сезона беше дел од германскиот прволигаш Крејлсхем“, објави МЗТ Скопје на клупскиот сајт.
Кафи воедно е и првото летно странско засилување за аеродромци. Тој за бековската позиција 1 ќе има конкуренција во сонародникот Бре Ајви, кој има опција во договорот од минатата сезона за останување во „Јане Сандански“.
По ангажманот на Кафи, од клубот речиси сигурно ќе си замине Кристијан Николов.
Вчера беше официјализирано продолжувањето на соработката со капитенот Дамјан Стојановски, а договори за следната сезона имаат и Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев како и тројцата младинци – Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.