Турција запрела товарен брод под руско знаме во Црното Море во близина на нејзиниот брег и ги истражува тврдењата на Украина дека превезувал украдено жито, изјави висок турски функционер.
Украинскиот амбасадор во Турција потврди дека турските царински органи го задржале бродот „Жибек Жоли“.
Украина побара од Турција во четвртокот да го задржи товарниот брод „Жибек Жоли“ кој плови под руско знаме, за кој се вели дека превезува украинско жито запленето од окупираното пристаниште Берѓанск, според украински функционер и документ што го видел Ројтерс. Украина исто така побара од Турција да го уапси екипажот на бродот.
Официјален претставник на украинското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на информации од Украинската поморска управа, соопшти дека бродот „Жибек Жоли“ превезувал приближно 4.500 тони жито натоварено до Берѓанск, кое и припаѓа на Украина.
Во одвоено писмо до турското Министерство за правда, украинското државно обвинителство на 30 јуни соопшти дека бродот „Жибек Жоли“ бил вклучен во „нелегалниот извоз на украинско жито“ од Берѓанск, дека неговата дестинација е градот Карасу во Турција и дека тој превезувал 7.000 тони товар, што е поголема бројка од наведената од официјалниот претставник.
Казахстанската транспортна компанија КТЗ Експрес потврди за Ројтерс дека „Жибек Жоли“ е во нејзина сопственост, но рече дека е ангажирана од руската компанија Грин Лајн, која не е на ниту една листа на санкции.
Украина ја обвинува Русија дека краде жито од областите окупирани од руските сили од почетокот на инвазијата на крајот на февруари.