Најмалку три лица загинаа рано утринава во земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер во јужен Иран, јави државната телевизија.
„За жал, досега имавме три смртни случаи и осум повредени“, изјави за телевизија Мехрдад Хасанзадех, шеф на одделот за управување со вонредни состојби во провинцијата Хормузган на брегот на Персискиот Залив.
Иранските медиуми процениле дека земјотресот бил со јачина од 6,1 степени, додека Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) објавил дека бил со јачина од 6,0 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри, додава EMSC.
Големите геолошки раседни линии го поминуваат Иран, кој претрпе неколку разорни земјотреси во последниве години.