Предлог кој е ултиматум за иднината на Македонија. Предлог кој е диктат за мегаломански барања и историски аспирации кон Македонија. За таков предлог, одговорот е – не, благодарам.
Вака лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја започна денешната прес-конференција која следуваше по објавувањето на новиот француски предлог.
– Ваквиот предлог е истиот кој веќе еднаш беше одбиен. Со жалење морам да констатирам дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања – и во делот на историјата, и во делот на јазикот, и во делот на идентитетот. Прифаќањето на предлогот подразбира целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат, а нашите деца да учат според бугарскиот диктат. Прифаќање дека сите македонски револуционери биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Секој кој како Ковачевски, Османи и Маричиќ ви кажува нешто поинакво, јас ве уверувам дека не ја говори вистината. Затоа имаме какафонија од предлози. Два предлози, сменети зборчиња. Лажат и манипулираат. Јас и ВМРО-ДПМНЕ нема да бидеме соучесници во таков процес. Ќе се бориме за вистината и против ваквиот нокаут за Македонија – рече Мицкоски.
Каде е суштината и каде е направена лингвистичката диверзија, прашува Мицкоски.
– Еве ја суштината. Секоја држава започнала преговори со меѓувладина конференција. Сега ние ќе имаме два поделени процеси кои ќе значат старт на преговори. Првиот дел е фото сесија. Вториот дел е суштината и промената на Уставот за вклучување на бугарите. За време на фотосесијата треба да се депонираат еднострани изјави за јазикот. Бугарите ќе напишат дека македонскиот е дијалект на бугарскиот. Нашата страна ќе го напише македонскиот јазик. И ова не е некоја победа бидејќи подоцна јазикот е дел од протоколот кој сега во новиот документ се вика годишни извештаи. Во нив се следува спроведувањето на членот 12 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија потпишан од Заев-Бојко, кој ги содржи барањата на Бугарија за јазикот, историјата и идентитетот. Вториот документ е суштината каде следува промена на Уставот со влез на бугарите во него. Ова значи дека сѐ додека не се исполнат сите бугарски барања, нема Европска Унија. Ваков ултиматум за Македонија? Не благодарам – рече Мицкоски.
Сакам да се знае, додаде тој, дека сега е моментот кога треба да се биде гласен, јасен и да се заземе вистинската страна, страната на Македонија и страната на народот.
– Впрочем, оваа Влада прави огромна штета бидејќи одобрувањето на ваквата рамка значи или во ЕУ бугаризирани, или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинството на народот не прифаќам и нема никогаш да се согласам на тоа. И затоа велам треба да бидеме гласни. Имаше иницијатива за протести и ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на таа иницијатива и повикувам на народен протест утре во 19 часот пред Владата на РМ. Јас таму ќе бидам како еден од многуте, како ваш сограѓанин, како човек со име и презиме и го повикувам целиот народ, без разлика на верата, политичката определба или каква друга припадност да се приклучи во изразувањето на таквото народно незадоволство. Повикувам на обединување и на висока свесност за тешките удари кои оваа влада ги прави на нашата Македонија. Или ќе се каже гласно „не“, или потоа ќе се нема право на приговори. Затоа да излеземе и гласно кажеме „не благодарам“ – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.