Два митинга за поддршка на бугарската влада се одржуваат вечерва во Софија, јави дописникот на МИА од Софија.
Првиот се одржува пред зградата на претседателската администрација за да го потсети Румен Радев дека ги има истите луѓе кои излегоа во 2020 година и го поддржаа кога ГЕРБ и главниот обвинител ги нападнаа неговите канцеларии.
Овој митинг го организира Националната граѓанска иницијатива „Правда за сите“. На него присуствуваа сменетиот претседател на Народното собрание Никола Минчев и привремениот претседател на бугарскиот Парламент, Мирослав Иванов.
Вториот митинг се одржува пред Народното собрание на Бугарија. Доцна вечерва демонстрантите од пред зградата на претседателската администрација ќе им се придружат на оние пред Народното собрание за да испратат јасен сигнал дека сакаат да се зачува политичката стабилност и да нема промена на прозападниот курс на Бугарија.