Неприфатливо е прашањата кои што се однесуваат на Историската комисија да влезат во преговарачката рамка на земјава за членство во ЕУ, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостување на Канал 5, најавувајќи дека очекува утре да се види со неговата на бугарска колешка Теодора Генчовска.
Тоа е неприфатливо
Коментирајќи ја вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков дека имало предлог првата меѓувладина конференција да се одржи откако ќе бидат впишани Бугарите во нашиот Уставот, Османи рече дека бугарскиот премиер бил коректен кога рекол „но, нема договор за тоа“, бидејќи, како што нагласи, тоа е неприфатливо за земјава.
– За нас обратно треба да биде секвенционирањето на чекорите. Ние немаме дилеми дека тоа треба да се заврши, но во однос на чекорите е обратен процес. Ние сметаме дека преговарачката рамка треба да биде заедно во пакет со правата меѓувладина конференција, а потоа да влеземе во процес на уставни измени – потенцираше Османи.
– Се договоривме за начинот на имплементација на договорот со Бугарија, без да навлегуваме во содржината – додава Османи.
Со Генчовска разговаравме во детали
Министерот оцени дека разговорите кои ги водеа со Генчовска изминатиот викенд во Скопје биле добри и конструктивни. Шефот на дипломатијата додаде оти „комуницирале во детали“, разговарале за сите прашања, односно за четирите прашања во пакетот и оцени оти имале напредок и разбирање.
– Имавме разлики по одредени прашања, одлучивме да се вратиме во своите централи за дополнителни координации – информираше Османи.
Османи посочи и оти тие не ја дефинираат содржината на решенијата, туку формата на решението.
– Ние во тоа што го договоривме во саботата беше како се имплементираат одлуките откако Комисијата ќе донесе одредена одлука – рече Османи.
Не очекував дека ќе дојде во ваква ситуација во Бугарија
Прашан во однос на изјавата на Петков дека ветото ќе се тргне кога ЕУ ќе ги гарантира трите услови што ги бара Бугарија, Османи истакна дека денешните и вчерашните ставови од Софија не би ги зел како референтни, оти тоа, како што посочи, во оваа земја има „претешка политичка динамика“.
Османи истакна дека не би коментирал, со цел „да не одмогне во последните денови пред Самитот на европските лидери“.
– Не очекував дека ќе дојде ваква ситуација во бугарската Влада. Јас имав и други извори на информации, дека работите не се така лесни. За нас, тие динамики во Бугарија не се важни во смисла на наше вмешување. Јас сум година и пол министер, ако има нов министер, ќе биде четвртиот министер со кого ќе разговарам. Сепак, тоа не придонесува во одржување на динамиката, ќе треба се од почеток – рече Османи, додавајќи оти оставката на Генчовска е отежнувачка околност.
Според него, треба да се продолжи со обидите и да се искористи овој период до самитот на ЕУ.
– Тие ќе си одлучат за нов министер. Не можам да предвидам од денеска. Очекувам утре да биде појасно кои ќе бидат наредните чекори. Утре ќе воспоставам комуникација за да видиме како понатаму во овие денови – додаде Османи.
Една институција да го следи говорот на омраза во двете земји
Тој информира оти е договорен еден параграф двете земји да утврдат институција која ќе го следи говорот на омраза и иако инсистирал точно да се утврди таа институција, сепак било усогласено тоа да го прават двете министерства за надворешни работи.
– Има билатерален протокол кој што ги решава прашањата од типот на говор на омраза, пристап до архиви, работата на Историската комисија и имате прашања од пакетот на преговарачката рамка – посочи Османи.