Македонија се позиционира како балканска крстосница за дистрибуција на електрична енергија, оцени премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето со кое го поздрави почетокот на работите на изградба на 400 киловолтниот далекувод кој тргнува од трансформаторската станица „Битола2″ и ги поврзува електро – преносните системи на Македонија и на Албанија. Овој далновод е дел од најголемиот капитален проект од 50 милиони евра во преносната енергетска мрежа за интерконекција со Албанија.
Ковачевски рече дека станува збор за дел од проектот Коридор 8 и дека е со исклучителна регионална стратегиска и капитална вредност.
– Со оваа инвестиција вредна 17,2 милиони евра се поврзуваме со Република Албанија како последна земја со која нашата држава не беше енергетски поврзана. На овој начин го заокружуваме процесот на поврзување со електропреносните системи на сите наши соседни земји, со кои веќе имаме пет интерконекции на 400 киловолтно напонско ниво – две врски со Грција и по една со Србија, Косово и Бугарија. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење како за нас, така и за целиот регион – истакна премиерот Ковачевски и нагласи дека проектот, меѓу другото, ја опфаќа и изградбата на трансформаторската станица во близина на Охрид која започна во август 2021 година, како и проширување на 400/110 киловолтна трансформаторска станица „Битола 2″.
Во сферата на целата електроенергетска верига исток-запад, интерконективниот далекувод Битола-Елбасан е клучна алка во транзитот на електрична енергија од Бугарија, преку Македонија, низ Албанија до Италија.
– Со далекуводот и трансформаторската станица се реализира стратешката определба на националниот електропреносен систем оператор МЕПСО, а тоа е да обезбедува доверлив и стабилен систем, интегрирање на заедничкиот Европски пазар на електрична енергија, а со тоа зголемена конкурентност и економски бенефит за сите граѓани – рече Ковачевски.
Ковачевски потенцираше дека проектот отвора широки економски потенцијали и од перспектива на иницијативата Отворен Балкан и дека со инвестирање во капитални проекти во електро енергетската мрежа, ги поврзуваме економиите на земјите од регионот со нов потенцијал за натамошен развој.
Со честитките за почетокот на реализација на оваа крупна инвестиција, премиерот Ковачевски упати благодарност за поддршката на Европската банка за обнова и развој, како и на Делегацијата на ЕУ во земјава за грантот преку инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан”, кој меѓу другото, е наменет за поддршка и на ваквите инвестиции од областа на енергетската индустрија.
Генералниот директор на АД МЕПСО, Орхан Муртезани на настанот по повод поставување камен темелник на далекуводот од ТС „Битола 2″ до македонско-албанската граница, истакна дека со оваа инвестиција се заокружува електроенергетското поврзување со сите наши соседи што ќе овозможи поголема сигурност и стабилност на нашиот електроенергетски систем и вклучување во сите регионални иницијативи за размена на енергија.
Заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја Џулијан Васало рече дека инвестирањето во проекти како овој е чекор напред кон енергетска трансформација и кон енергетската безбедност на земјата и регионот и дека е добар пример за поврзаност и прекугранична соработка. Васало додаде дека ЕУ останува посветена да се заврши иницијативата на ЕУ за коридор Исток-Запад за пренос на електрична енергија меѓу Македонија, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Италија.
Претставникот на Европската банка за обнова и развој во нашата земја Анди Аранитаси во своето обраќање нагласи дека интерконективниот надземен вод ќе има клучна улога во развојот на регионалниот пазар на електрична енергија и зголемувањето на капацитетот на обновливи извори на енергија, при што сончевата енергија и ветерот ќе бидат двата приоритетни обновливи извори што ќе се развиваат во Македонија и Албанија на краток и среден рок, надоврзувајќи се на поддршката што ЕБОР им ја обезбеди на властите во двете земји за да започнат конкурентни тендери за обновливи извори на енергија.