Германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека Берлин ќе испрати модерни противвоздушни ракети и радарски системи во Украина. Шолц им рече на германските пратеници дека владата одлучила да испрати ракети ИРИС-Т во Украина, кои Германија ги развила заедно со другите членки на НАТО.
Тој изјави дека Германија ќе испрати и радарски системи во Украина за прецизна локација на артилерија.
Германија претходно претрпе критики од светската и домашната јавност поради воздржувањето од испраќање на оружје на Украина што и е потребно за да се одбрани од руските напади.
Воените аналитичари проценуваат дека руските сили се обидуваат да ја добијат битката во Донбас пред оружјето од Запад да стигне до Украина.
Претседателот на САД, Џозеф Бајден, неодамна во авторски текст за Њујорк Тајмс напиша дека Соединетите Држави ќе му обезбедат на Киев понапредни ракетни системи и муниција за прецизно таргетирање на клучните цели на бојното поле во Украина.
Прочитајте сè за настаните во Украина во нашиот БЛОГ или на страницата Војна во Украина.