Европската комисија реагираше на пресудата на Судот на правдата на ЕУ во среда, велејќи дека ја зема предвид, дека внимателно ќе ја проучи и ќе одлучи за следните чекори.
„Комисијата сега внимателно ќе ја испита одлуката на Општиот суд и ќе одлучи за следните чекори. За таа цел, Комисијата ќе донесе нова одлука со подетално образложение“, се вели во соопштението на Комисијата.
Општиот суд на Европската унија во среда пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување со кое би го оправдала недостатокот на бараните документи, СМС-пораки меѓу претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и извршната директорка на фармацевтската компанија Фајзер, со кои се договорила за набавка на вакцината против Ковид-19.
Во соопштението на Комисијата се вели дека Општиот суд смета дека Комисијата требало да даде подетално објаснување во својата одлука дека не поседува документи од бараниот тип.
„Општиот суд не ја доведува во прашање политиката на Комисијата за регистрација во врска со пристапот до документи. Целта на овие правила е да се обезбеди интегритетот на евиденцијата на Комисијата и целосна транспарентност преку обезбедување важните документи составени или примени од Комисијата да бидат лесно достапни за заинтересираните граѓани на ЕУ“, истакнува Комисијата.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и претседателката Урсула фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до воспоставената робусна законска рамка за спроведување на нашите обврски“, додава Комисијата.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, разменија пораки, чија содржина сè уште е непозната за јавноста, во време кога Комисијата преговараше за договори за набавка на вакцини против Ковид-19 во вредност од повеќе милијарди евра.