Анџела Прајс Агелер треба да ја замени актуелната амбасадорка на САД во земјава, Кејт Мари Брнз откако Белата куќа објави список со имиња кои претседателот Џо Бајден планира да ги номинира за амбасадорските места на САД во неколку држави, меѓу и за Северна Македонија.
Станува збор за дипломатка од кариера која досега била в.д. амбасадорка и заменичка на амбасадорот во Исламабад, Пакистан.
Одреден период од својата кариера Агелер веќе поминала во Скопје, каде работела како службеничка за односи со јавноста во американската амбасада.
Агелер работела како советник за односи со јавноста во амбасадата на САД во Париз, Франција, а била и на дипломатски задачи во американските амбасади во Буркина Фасо, Унгарија, Виетнам, како и во конзулатот во Ченај, Индија.
Таа работела и како заменик-помошник државен секретар за печат и јавна дипломатија во Бирото за печат и јавна дипломатија, портпаролка на Бирото за конзуларни прашања при Стејт департментот итн.
Идната амбасадорка е мажена за висок службеник за надворешни работи, Брајан Агелер со кого има ќерка Меделин која работи како новинарка во Њујорк.
Дипломирала на Универзитетот во Јута, а покрај англиски, зборува француски, македонски и хинди.
Прајс Агелер, по потврдувањето на нејзината номинација во Сенатот, ќе дојде на местото на Кејт Мари Брнз, која беше назначена за амбасадорка во Скопје во мај 2019 година.