Унгарската влада денеска прогласи вонредна состојба поради војната во Украина, која ќе стапи на сила на полноќ, најави премиерот Виктор Орбан.
Во видеото што тој го објави на Фејсбук неколку часа откако парламентот го усвои амандманот на уставот во кој се наведуваат конфликти, војна или хуманитарна катастрофа во соседна земја како причини за мерката, Орбан рече дека војната во Украина претставува закана за Унгарија, физичката безбедност на нејзините граѓани, енергетските залихи и финансиската сигурност на семејствата и стопанството, јавува МТИ.
Тој нагласи дека Владата која денеска положи заклетва веднаш почна со работа и посочи дека сѐ уште никој не го гледа крајот на војната во Украина.
– Светот е на работ на економска криза. Унгарија мора да се држи настрана од оваа војна и да ја заштити финансиската сигурност на семејствата – рече Орбан.
Тој додаде дека за да се направи тоа, Владата мора да биде способна да носи одлуки и брзо да реагира.
– Вонредната состојба, слична на онаа воведена за време на пандемијата, ќе ѝ овозможи на владата брзо да реагира и да ги искористи сите достапни методи за заштита на Унгарија и Унгарците – рече Орбан.
Претходно денеска парламентот на Унгарија го усвои 10-тиот амандман на Уставот, со кој се дозволува владата да прогласи вонредна состојба во случај на вооружен конфликт, војна или хуманитарна катастрофа во соседна земја. За амандманот гласаа 136 пратеници, а против 36.
Според измените на Уставот, може да се воведе посебен правен поредок во случај на воена, вонредна или опасност. Може да се прогласи опасна состојба „доколку се случат воени акти“.
Вооружениот конфликт ги вклучува сите вооружени конфликти, вклучително и граѓанската војна, додека хуманитарната катастрофа ја вклучува секоја ситуација што е резултат на војна или вооружен конфликт, или ако постои некоја друга причина, како природна катастрофа што предизвикува многу луѓе да се најдат во тешка ситуација.
Според образложението на предлог-законот, посебен правен поредок може да се воведе само доколку развојот на настаните во соседната земја сериозно ја погоди Унгарија во хуманитарна или економска смисла или ако постои реална можност тоа да се случи.