Откако американскиот претседател Трамп го нарече Зеленски „диктатор“ кој нема легитимитет и треба што поскоро да биде отстранет од сцената, германските медиуми се шокирани и загрижени и за Украина и за Европа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обидува да ги смири тензиите по обвинувањата на американскиот претседател. Доналд Трамп, откако го нарече Зеленски „диктатор“, продолжи со критиките, додека Зеленски не одговори на неговите напади, но повтори дека Украина сè уште сака да одржува добри односи со Вашингтон.
Ова е војна „која сакаме да ја завршиме во Украина од првата секунда“, нагласи Зеленски во своето видео обраќање. Со оваа изјава тој ги отфрли, без да го спомене Трамп, обвинувањата на американскиот претседател дека украинското раководство ја започнало војната и е одговорно за нејзиното долго траење.
Зеленски најави и средба со американскиот пратеник Кит Келог, при што ја истакна важноста од конструктивна соработка со САД за постигнување стабилен мир во Украина.
Трамп, од друга страна, продолжи да провоцира, тврдејќи дека Зеленски е „неизбран диктатор“ и побара Украина да одржи нови избори. Но, според украинскиот устав, изборите се прекинати поради воената состојба. Украинскиот амбасадор во Германија Олексеј Макејев објасни дека тоа е во согласност со меѓународните практики, како што било случај во многу земји, вклучително и Германија, пишува ДВ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Кир Стармер го поддржаа Зеленски, нагласувајќи дека одложувањето на изборите во време на војна е во согласност со законот.
Трамп без кочница
Дополнително, Трамп рече дека Зелински „треба брзо да се движи, инаку повеќе нема да има држава“. Трамп смета дека „Зеленски заврши ужасна работа, неговата земја е на колена“ и дека тој бил успешен само „во манипулирањето со американскиот претседател Џо Бајден“.
Како тоа да не е доволно, Трамп подоцна во претседателскиот авион изјави дека гледа дека Русија има предност за време на преговорите за ставање крај на војната. „Мислам дека имаат подобра позиција, бидејќи зазедоа многу територија.
Зачуденоста на германскиот печат
Во своите критики, германските медиуми беа запрепастени од изјавите на Трамп. Така Freie Presse од Кемниц револтирано наведува: „Она што Доналд Трамп го зборува за Украина е скандал. Да се нарече искривување на реалноста би било потценување. Најмоќниот човек на светот шири лажни вести. Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс неодамна изјави дека со Трамп сега има нов шериф во градот. Но, однесувањето на владата во Вашингтон кон Украина повеќе личи на полицаец кој на жртвата на вооружен грабеж и вели: „Зошто не му понудивте на провалникот во иднина да спие на вашиот тросед во дневната соба? Го интересира само „Америка на прво место“ и ништо друго“, истакнува Фреј Пресе.
Рајн-Цајтунг од Кобленц заклучува: „Американскиот претседател отфрли 80 години американска надворешна политика. Трансатлантскиот консензус го фрли во ѓубре. Притоа, тој го спроведе најдраматичниот пресврт во надворешната политика во поновата американска историја. Наместо да се спротивстави на руската агресија, тој ја легитимира на овој начин. Наместо да ја поддржи Украина како жртва, тој ја остава на цедило“, истакнува Рајн Цајтунг.
„Лајпцигер Фолксцајтунг“ шпекулира за можните причини за таквото однесување на Трамп: „Дали Путин, поранешен офицер на КГБ, може да го контролира Трамп поради некоја причина? Кога станува збор за прашањето дали Путин има компромитирачки материјал за Трамп, многумина замислено кимнуваат со децении. Дали Трамп денес постапува на овој начин затоа што е под притисок? Или некои други мотиви се пресудни, како неговата суета или восхит од силни лидери?“, прашува коментатор на весникот „Лајпцигер Фолксцајтунг“.
Нов меѓународен поредок
За Зидојче Цајтунг од Минхен, Трамп во секој случај е јасно „на страната на Путин“, како што гласи насловот на коментарот. „Во Украина веќе се зборува за нов пакт Молотов-Рибентроп, поделба на Европа над главите на оние кои се најмногу погодени од него. Европските земји ги знаат последиците од таквиот сојуз, а Европа знае што значи промена во односите на моќта за единството на овој континент. Ако се олабави политичката, воената и идеолошката врска што ја имаат Соединетите Американски Држави, Европа ќе се распадне“, предвидува Зидојче Цајтунг.
Имајќи го ова предвид, авторот на коментарот во весникот Ноје Оснабрикер Цајтунг ја советува Европа да не се впушта во независни акции во врска со Украина: „Тоа би било крајно опасно и катастрофално. И покрај ветената пресвртница на канцеларот Шолц, Бундесверот сè уште не е целосно способен да се одбрани. Можеби некои тврдокорни во Европа треба да размислат дали е паметно Русија да биде непријател на долг рок. Намалувањето на острата реторика би бил првиот чекор“, смета Ноје Оснабрикер Цајтунг.
Но, конзервативниот дневен весник Die Welt гледа на работите сосема поинаку. Тој смета дека Европа има само еден избор: „Прво, континентот конечно мора значително да ги зголеми трошоците за одбрана“. Второ, тој мора да направи се за да обезбеди Украина да ја има најдобрата можна преговарачка позиција за мировните преговори. Трето, мора да се подготви на среден рок за да може да се одбрани. Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс на конференцијата за безбедност во Минхен праша дали Европејците воопшто се свесни за што точно се борат. Одговорот е јасен: слободата на суверените нации сами да одлучуваат за својата судбина“, нагласува Ди Велт.