Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет денеска изјави дека одговорност на Европа е да ја запре, како што рече, „руската воена машина“. Пред денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, Хегсет повтори дека земјите-членки на Алијансата треба да ги зголемат буџетите за одбрана на 5% од БДП.
Сегашната цел за одбранбените трошоци за членките на НАТО е два отсто од БДП. Дали е остварлив предлогот да се зголеми процентот на 5%, идеја која неколкупати ја повтрои американскиот претседател Доналд Трамп?
„Руското непријателство и намалената американска поддршка предизвикуваат широк договор за зголемување на трошоците за одбрана, но 5% од БДП е премногу за повеќето европски земји“, анализира бриселскиот медиум Политико.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на крајот на јануари изјави дека на самитот на НАТО во јуни ќе биде донесена одлука дали трошоците ќе бидат зголемени на три или пет отсто од БДП.
„Доналд Трамп упати финансиска рачна граната во НАТО, а сега членките на алијансата се обидуваат да сфатат како да одговорат“, се вели во статијата.
Состанокот на министрите за одбрана на НАТО во четврток и Минхенската безбедносна конференција викендов, на која се собираат највисоките претставници на одбраната од двете страни на Атлантикот, ќе бидат фокусирани на тоа барање. Сојузниците ја разгледуваат потребата да ја одвратат Русија и да го задржат Трамп заинтересиран за Европа наспроти нивните затегнати буџети.
Во меѓувреме дипломатите на неколку земји од ЕУ бурно реагираа на изјавата на Трамп дека е можно да се сретне со својот руски колега Владимир Путин во Саудиска Арабија. Тие побараа Европа и Украина да бидат вклучени во најавените мировни преговори.
Трамп во средата им телефонираше и на Путин и на украинскиот лидер Володимир Зеленски.
Зеленски изјави дека имал значаен разговор со Трамп и дека е подготвен за преговори. Сепак, британски „Економист“ напиша дека раководството во Киев се плаши дека ќе биде целосно исклучено од преговорите.