Дали и вам ви се случило да нарачате нешто онлајн, а да добиете производ што нема никаква врска со сликата? Дали сте останале без одговор откако ќе се пожалите кај продавачот, или уште полошо – веднаш ве блокирале?
Сè повеќе граѓани се жалат дека станале жртви на измами преку Инстаграм и Фејсбук продавници, каде што наместо квалитетен производ, добиваат евтина верзија, оштетен артикл, друг производ или дури и празен пакет.
Според податоците од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), само во 2024 година тие оствариле 1.620 советувања со граѓани, од кои значителен дел се однесувале на проблеми со онлајн купувања. Како најчести поплаки биле наведени неисполнување на гаранции, испорачување на неквалитетни или оштетени производи и доцнење на доставата.
– Пред извесно време нарачав чевли од една онлајн продавница на Фејсбук. Ми рекоа дека пратката дека ќе пристигне за два работни дена. Ја презедов пратката од каргото, но кога ја отворив наместо чевли внатре имаше една цигла. Им пишував неколкупати, но ништо не ми одговорија, а потоа и ме блокираа – сведочи скопјанка на социјалните мрежи.
Лошо искуство со фантомски продавачи сподели уште една скопјанка која нарачала облека, но кога ја добила пратката, ниту облеката била таа што ја нарачала, ниту бројот бил соодветен. Ваквите примери се бројни.
Како да ги препознаете измамничките профили?
Потрошувачите најчесто купуваат облека, обувки, накит, мали куќни апарати и мебел преку социјалните мрежи. Меѓутоа, проблемот е што многу од овие продавници не се регистрирани, немаат физичка локација, ниту обезбедуваат фискална сметка или фактура. Според Татјана Тасевска, правен советник во ОПМ, нерегистрираните продавачи често заведуваат потрошувачи со атрактивни реклами и екстремно ниски цени, но откако ќе го добијат производот, нема можност за враќање или рекламација.
Тасевска советува граѓаните внимателно да ги проверуваат продавниците пред да направат нарачка, да купуваат само од проверени онлајн продавници за да не подлегнат на измами што стануваат сè почести на социјалните мрежи.
Неколку клучни чекори за безбедно онлајн купување се:
– Истражете го продавачот – проверете дали продавницата има официјална веб-страница, дали има физичка локација и дали е регистрирана.
– Избегнувајте налози без информации – ако профилот нема јасни податоци за компанијата или контакт-детали, тоа е знак за потенцијална измама.
– Барајте фискална сметка – доколку при испорака не добиете фискална сметка или фактура, не сте обврзани да го подигнете пакетот.
– Избегнувајте понуди што звучат предобро за да бидат вистинити – чести трикови се лажни попусти, акции „само денес“, гратис производи или копии на познати брендови.
– Не споделувајте премногу лични податоци – особено ако продавачот бара чувствителни информации како број на картичка или лична карта.
– Иако ОПМ постојано ги едуцира граѓаните за безбедно онлајн купување, институциите засега немаат конкретен механизам за спречување на нерегистрирани профили што вршат продажба. Граѓаните кои сметаат дека се измамени можат да пријават во Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал, како и во Агенцијата за заштита на лични податоци, доколку се сомневаат дека нивните лични податоци се злоупотребени – вели Тасевска.
Купувајте само од регистрирани е-продавници!
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) бележи зголемен број пријави од граѓани кои станале жртви на онлајн измами, особено при купување производи преку Фејсбук и Инстаграм. Најчестите поплаки се однесуваат на лош квалитет на производите, неможност за нивна замена, доцнење на испораката и отежнат контакт со продавачите, кои често ги блокираат купувачите или целосно исчезнуваат од платформите.
– Голем проблем е и тоа што производите кои ги добиваат граѓаните често не одговараат на оние претставени на фотографиите, а трговците не издаваат фискални сметки, фактури или гарантен лист. Ова ги оневозможува купувачите да ги остварат своите права за рекламација или поврат на средствата – велат од ДПИ за Плусинфо.
Инспекторатот може да постапува само доколку пријавата се однесува на регистриран трговец кој издава фискална сметка, бидејќи таа претставува основен доказ при инспекциската постапка. Инспекторатот не може да преземе мерки против нерегистрирани продавачи на социјалните мрежи, како и против странски веб-продавници кои се надвор од надлежноста на институциите во Македонија.
– Инспекторатот потсетува дека секој трговец кој продава онлајн е обврзан да биде регистриран согласно Законот за е-трговија, Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија. Граѓаните треба да бидат внимателни при нарачките, да ги проверуваат контакт податоците на продавачот, да се осигурат дека продавницата е регистрирана и да не прифаќаат производ без фискална сметка или фактура – додаваат од Инспекторатот.
Оттаму апелираат граѓаните да не ги споделуваат своите лични податоци со непознати онлајн продавници и да внимаваат на несигурни трансакции. Доколку се сомневаат во измама или веќе биле оштетени, треба веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат.
Од ДПИ ги советуваат граѓаните да купуваат само од легални онлајн продавници кои нудат транспарентни услови, гаранција за производите и издаваат фискална сметка.
Некои измамени граѓани ги пријавиле овие измами во полиција. Оттаму за Плусинфо споделија статистички податоци, но не кажаа дали некој од профилите бил блокиран, дали биле откриени сопствениците на измамничките профили и дали биле казнети на каков било начин.
Граѓаните да ги пријават измамниците во полиција!
Во текот на 2024 година, во Министерството за внатрешни работи се добиени 23 пријави од измамени граѓани, во врска со онлајн продажба, изнајмување на недвижности, брза заработка и слично, од кои 19 се случиле преку социјалната мрежа Фејсбук а четири преку Инстаграм. Измамите се однесуваат на следното: