Европската комисија процени дека мора да инвестира до 300 милијарди евра до 2030 година за целосно да се „ослободи“ од руската енергија. Тоа би значело Европа да успее да троши 13 отсто помалку струја, а за истото време да се постигне 40 до 45 од производството да доаѓа од обновливи извори, пишува Б92.
– Итно треба да ја намалиме зависноста од Русија – рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, презентирајќи го нацрт-планот во Брисел.
– За тоа ќе мобилизираме и до 300 милијарди евра – децидна е таа.
Програмата треба да доведе до заштеди во потрошувачката на енергија, да го забрза излезот од фосилните горива и да ги поттикне инвестициите.
– Ова ќе го вклучи и нашиот европски „Зелен турбо-договор“. Една од крајните цели е ЕУ да може целосно да го запре увозот на руска енергија во текот на оваа деценија – смета Фон дер Лајен.
ЕУ допрва треба да ја забрза законската процедура за одобрување проекти за обновливи извори на енергија, да воведе задолжително поставување на покривни соларни панели на новите згради и да почне да увезува повеќе водород, гориво што не создава штетни гасови при согорување.
Во однос на инвестициите, ЕУ мора да ја развие електричната мрежа, но и гасоводите и нафтоводите, бидејќи постоечката мрежа главно води кон Русија. На пример, Унгарија индивидуално треба да инвестира до две милијарди евра за да се одвои од рускиот гас.
Програмата на ЕУ ќе се финансира од заеми и буџетски исплати на членовите. Но, многу од мерките во нацртот прво ќе треба да бидат одобрени од земјите на ЕУ и од Европскиот парламент.
фото: pixabay.com