Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ денеска ги предупреди студентите кои протестираат и ја блокираат работата на шеесетина факултети во сите четири универзитетски центри во Србија дека може да останат без поддршка од државниот буџет и без право на студентски дом, а факултетите би можеле да паднат во финансиска блокада и во банкрот.
Бранот протести во Србија е предизвикан од смртта на 15 претежно млади луѓе и од сериозните повреди на уште две лица при уривањето на настрешницата на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад на 1 декември. Значителен дел од јавноста за одговорни за несреќата ги смета владата и изведувачите, обвинувајќи ги за негрижа и за корупција.
Просветните работници, кои изминатите денови ги поддржаа студентските протести и блокадите на околу 60 факултети, се жалат дека се изложени на притисок од властите и на обиди да се влијае врз нив да се откажат.
Брнабиќ, во екот на студентските протести, кои добиваат сè поголема поддршка од јавноста, на седницата на собраниската Комисија за образование, наука, технолошки развој и информатичко општество предупреди дека континуираната блокада на факултетите носи „три закани“ и дека „медениот месец заврши“.
Брнабиќ ја наведе „опасноста дека повеќе од 100.000 студенти ќе го изгубат правото на студирање на сметка на буџетот, а повеќе од 17.000 ќе го изгубат правото на студентско домување“.
Таа исто така изјави дека студентите кои самите ги финансираат студиите и нивните семејства може да бидат изложени на дополнителни трошоци, долгови и „изгубени животни шанси“. Третата закана ја нарече „страшна“, а тоа е дека факултетите би можеле да се најдат во финансиска блокада и да банкротираат.
– Ова значи катанец за државните факултети и универзитети. Поради што, поради Центарот за анархистички студии од Загреб – изјави Брнабиќ, алудирајќи на „Блокаден готвач“, брошура објавена во 2009 година која ги опишува искуствата од блокадите на факултетите во Хрватска во 2009 година.
Брнабиќ изјави дека е „крајно време“ да се согледа сè што се случуваше во изминатите два и пол месеци во високото образование и кои се последиците со кои „сите ќе се соочат за многу краток рок“.
Нејзината изјава дојде три дена по пораката на претседателот Александар Вучиќ во интервју за провладината ТВ Хепи дека „ќе ги издржи сите надворешни удари“ и оти „државата ќе реагира“.
Управите на факултетите, средните и на основните училишта застанаа со студентите и ги поддржаа со прекин на наставата на 20 јануари, првиот ден од второто полугодие.
Прекините на наставата продолжија и денеска во бројни училишта, а ресорното министерство испрати просветни инспектори во училиштата, предупредувајќи ги наставниците и професорите дека една од мерките може да биде отказ.