Пратениците од СДСМ ја напуштија собраниската седница на која се расправа за интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути од Европскиот фронт, која ги блокираше измените на Законот за бранителите што лани во септември ги поднесе пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ.
Според пратеникот Борислав Крмов од Левица, која е предлагач на интерпелацијата против Даути, воопшто не е изненадување ваквото однесување на СДСМ, кој не бил искрен во намерите, затоа што ги предложи измените штом стана опозиција, а не ги предложи претходно, за време на 7-те години на власт.
Според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска, која најави дека партијата ќе ја поддржи интерпелацијата, на секој граѓанин му е јасно зошто токму сега како опозиција СДСМ ги предложи измените за унапредување на правата на бранителите од 2001 година.
Пратениците од Вреди истакнаа дека нема да ја поддржат интерпелацијата.
На почетокот на седницата пратеникот Оливер Спасовски рече дека пратеничката група нема да учествува во дебатата за интерпелациите, нема да гласа и ги повика колегите да ја напуштат седницата.
– СДСМ нема да учествува во дебатата, која ќе биде со цел да се поттикнат меѓуетнички тензии, наместо да се дебатира за работата на министрите. Има аргументи за дебата за работата на министрите, но, истакнувањето на меѓуетничките проблеми е стар начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои секогаш подгреваат тензии кога имаат проблеми. Не може да се засноваат интерпелации само заради случувањата на Денот на албанското знаме, за такви прекршоци има закони. Нема да ја поддржиме ниту интерпелацијата за Илире Даути, затоа што вината не е во незакажувањето на седницата, туку во претседателот на Собранието Африм Гаши, кој има различни аршини, што ги покажа со свикувањето на комисијата кога требаше да помине унгарскиот кредит – рече пратеникот Спасовски.
Пратеникот од Левица Сашко Јанчев ги објасни причините заради кои ја поднеле интерпелацијата против Даути. Рече дека таа три пати го прекрши Уставот и Деловникот со несвикувањето на седницата на која требаше да се разгледуваат предложените измени на законот за бранителите – еднаш, на 11 септември, кога не го испочитува рокот од 24 часа во кој требаше да ја стави точката на дневен ред за законот за бранителите за да ја разгледа Комисијата, втор пат кога не го стори тоа на барање на третина од пратениците и трет пат кога одби да ја стави точката на дневен ред на барање на третина од членовите на собраниската комисија.
– Не постои орган во кој членовите на некое тело не можат да интервенираат во дневен ред. Даути е должна да ја стави токата на дневен ред. Позадината на тоа делување таа јавно го кажа, имено, сè додека борците на ОНА не се изедначат си бранителите. Ова величање на ОНА е крајно проблематично, затоа што тие бореа за голема Албанија, а не за права – рече Јанчев.
Пратеничката Илире Даути рече дека оваа интерпелација кон неа е демонстрирање на сила и диктат кон пратениците кои различно размислуваат.
– Јас не говорам за да аргументирам, туку за да потврдам дека нема да прифатам еден дел од популацијата да не се третира на еднаков начин, иако и тие се еднакви учесници во државата и во буџетскиот приход. За ова ќе интервенирам секогаш кога ќе биде потребно. Со моето разрешување ова нема да се разреши, затоа ве повикувам сите заедно да разгледаме решенија и за правата на борците на ОНА. Иднината нема да ни биде целосна, и да оди нагоре, ако не ја согледуваме вистината – рече Даути.
Пратеникот од Левица Реџеп Исмаил рече дека воопшто ќе немало интерпелација ако Даути го почитува Деловникот.
– До кога ние ќе подимижуваме за несовесното однесување на функционерите. Илире Даути блокира закон во комисија и со тоа ние не можеме да расправаме за законот на пленарна седница. Нека поднесат амандмани кои ќе се разгледаат на пленарната седница. Зарем ние сега треба да замижуваме пред претседателка на собраниска комисија затоа што е Албанка? Ќе немаше интерпелација и ако спикерот свикаше седница за да ја прескокне намерата на Даути да блокира. Тој не ја свика седницата и ние сме принудени на интерпелација – рече Исмаил.
Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е проблематично однесувањето на Даути која го кочи разгледувањето на Законот за бранителите.
– Во самото образложение на интерпелацијата се вели дека Илире Даути сосема неделовнички, противуставно, своеволно, тенденциозно, па јас би рекла и проблематично го кочи работењето на оваа комисија. Морам да дадам коментар по однос на излегувањето на СДСМ и овој парадокс што се случи денеска. Имено вчера СДСМ се огради од нивниот партнер во владата, ДУИ и рече дека тоа е најкорумпираната политичка партија во Македонија, а денеска излегуваат и не сакаат да учествуваат во работата на Собранието и да дадат поддршка за интерпелацијата на Илире Даути. А, истовремено, пак, замислете кој е тој парадокс, законот заради кој Илире Даути заслужено добива интерпелација е поднесен од нив, сега, откако 7 години беа на власт и не поднесоа закон. Само што паднаа од власт поднесоа вакво законско решение – рече истакна Ласовска.
Таа додаде дека Даути нема право екстензивно да го толкува Деловникот, да не дава збор и да не дозволува да се стави точка на дневен ред и затоа интерпелацијата против неа е сосема заслужена.
На дневен ред се и предлозите за четирите интерпелации поднесени од Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени. За овие 4 интерпелации нема доволно поддршка во Собранието.
За интерпелациите треба да се гласа до ноќеска на полноќ.