Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика Јавното обвинителство да го повика Али Ахмети на распит, откако лидерот на ДУИ за косовските медиуми изјави дека Артан Груби е во Албанија.
– Се надевам дека ова допира до Обвинителството. Има правна процедура, ако има личност што знае каде е бегалец од законот ќе го повика за да даде одговор каде се наоѓа бегалецот од правдата. Можам само да дадам еден коментар – на секој во Македонија му е јасно како се поставуваа обвинителите и судиите во изминативе 7 години. Обвинителите и судиите не можеа да бидат избрани, не можеа ниту да бидат квалификувани во Академијата за судии и обвинители, и сега истите тие кои ги поставуваа, велат дека некому правдата му била оневозможена и дека ова е политички прогон – рече премиерот Мицкоски.
– Се надевам дека нема да го обвинат и Стејт департментот дека прави политички прогон. Најлесен начин е да дојде, да даде исказ и да се соочи со правдата – рече Мицкоски.
Од Јавното обвинителство експресно одговорија дека полицијата е должна да го повика Ахмети, согласно со наредбата од меѓународната потерница по бегалецот.
„Јавното обвинителство издаде наредби за распишување национална и меѓународна потерница за осомниченото лице. Домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот“, одговори Обвинителството.