Активисти на Гринпис го блокираа влезот за грчки танкер во пристаниште на југот на Англија поради товарот со руско гориво, соопштија денеска организацијата.
Гринпис соопшти дека 12 активисти вчеравечер го зазеле пристаништето на локацијата на терминалот Навигатор, на Темза, во Есекс, каде што се очекувало танкер Андромеда со нафтени деривати, под грчко знаме, да го истовари својот руски товар, пренесуваат британските медиуми.
Полицијата во Есекс денеска соопшти дека доцна синоќа биле повикани полицајци на навигацискиот терминал.
„Досега се уапсени осум лица осомничени за тежок напад на имот, а ние со нашите партнери работиме на тоа да однесеме што поголем број други на безбедно“, се наведува во соопштението.
Во последниве недели, голем број бродови со руски товар го сменија курсот на пловење, особено по протестите во пристаништата во Обединетото кралство и ЕУ.