Премиерот Христијан Мицкоски очекува Јавното обвинителство по допрен глас од него да покрене истрага и да го расчисти случајот со неговото следење во времето додека беше лидер на опозицијата. Мицкоски ова очекување го кажа на денешната прес-конференција, по презентацијата на резултатите на полицијата, а на која присуствуваше и републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.
– Јас сум бил наводно инспиратор и финансиер на милитантна, паравоена и параполициска структура. Она што е интересно, овие списи, извештаи за мене, се креирани на почетокот на 2020 година, која беше изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да споделам која, располага со вакви информации, дека јас инспирирам, финансирам и организирам вакви организирани терористики структури, а притоа, за тоа не го информирала Министерството за внатрешни работи – рече денеска премиерот, одговарајќи на новинарско прашање дали очекува разврска во случајот со неговото следење.
Се поставува прашањето зошто безбедностаната агенција не го информирала МВР, додаде премиерот.
– Одговорот е јасен. Затоа што тогаш имаше техничка влада, а технички министер за внатрешни работи беше господинот Наќе Чулев. Ова било само начин, преку монтажа, да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент, ВМРО-ДПМНЕ. За останатото, оставам на Обвинителството, а за тоа зборувавме и со обвинителот сега на настанот, да допре гласот до ЈО, па да видиме дали ЈО понатаму ќе преземе некакви мерки – рече Мицкоски.
На собраниската седница за новинарски прашања вчера премиерот Мицкоски подетаљно објасни како го следеле во двете предизборни години – во 2020 и во 2021 година. Рече дека за него доставувале информации две лица, со псевдоними „Цилиндар“ и „Џокер“.
На новинарско прашање дали веќе се изготвува предлог-закон за спојување на безбедносните агенции, Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, премиерот рече дека таа процедура нема да биде брза, а нема да биде ниту јавна.
– Кога ќе биде сѐ завршено, а за тоа треба време, постапката ќе биде јавна, ќе има јавна дебата и експертите ќе можат да го дадат своето мислење. Ние се подготвуваме за оваа реформа, бидејќи најголем дел од земјите-членки на НАТО ја имаат направено. Така е и во Словенија, во Хрватска итн. Да бидеме трпеливи, затоа што сепак, станува збор за системите за разузнавање и за контраразузнавање – рече премиерот Мицкоски.