На пациент од Валонија, област во Белгија, му била дијагностицирана новата, позаразна варијанта на вирусот на мајмунски сипаници. Податоците доаѓаат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦПКБ) и од белгискиот здравствен институт „Скиенсано“ (Sciensano), објави ВРТ њуз.
Во соопштението на здравствениот институт „Скиенсано“ (Sciensano) се наведува дека ова е прв случај на новата варијанта на вирусот на мајмунски сипаници во Белгија.
Пациентот бил заразен по сексуален контакт во Африка со лице кое имало симптоми на вирусот. Во соопштението се додава дека лицето е изолирано пред дијагнозата и дека поради мерките, коишто се преземаат низ државата, ризикот од вирусот кај општата популација е многу низок.
Пациентот привн бил изолиран. Потоа била потврдена позитивната дијагноза. ЕЦПКБ уверува дека со оглед на мерките преземени од Белгија, ризикот за општата популација останува низок.
Иако овој случај ја вклучува новата, позаразна варијанта 1б, нема апсолутно никаква причина за паника или за голема загриженост.
Сепак, беше истакнато дека варијантата, откриена во Белгија, е позаразна од претходните варијанти на вирусот. СЗО го прогласи вирусот Мпокс за „јавна здравствена криза од меѓународен интерес“. Вирусот претходно беше откриен во Германија, Шведска, Велика Британија, САД и во некои азиски земји.
Инаку, мајмунски сипаници е вирусна болест откриена во 1958 година, а е поврзана со сега искоренетиот вирус на сипаници. Може да се пренесе преку близок контакт (допирање, бакнување или интимен однос), како и преку контаминирани материјали како постелнина, облека и игли.
Почетните симптоми се слични на грипот и вклучуваат треска, исцрпеност, нерасположение и мускулна слабост, коишто честопати се придружени со болен осип или со чешање.
Некои епидемии на мајмунски сипаници убиле до 10% од луѓето кои се разболеле, иако поновите епидемии имале помала стапка на смртност, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
Одредени групи – вклучително и доенчиња, луѓе со сериозно ослабен имунолошки систем и бремени жени – имаат поголема веројатност да имаат потешки инфекции.